ТОМЕ АРСОВСКИ. „ПАРАДОКСОТ НА ДИОГЕН“ Судска драма во два дела - ЛИЦА: Инж. ДРАШКО КАРОВСКИ ДАНИЦА, негова жена НИКОЛА, негов татко МАЈКАТА (на Драшко) Инж. ВЛАДИМИР КРСТИН - БОРСКИ, директор на Заводот за висока градба Д-р АЛЕКСЕЈ КОНДАРКО, универзитетски професор Инж. БОРИКА КОРДА, колега на Драшко ГАЛЕВСКИ ДАНЧО, градежен техничар СЛАВКО ЛИЛЈАНОВСКИ, палир СУДИЈАТА ОБВИНИТЕЛОТ БРАНИТЕЛОТ СУДСКИОТ ПИСАР МИЛИЦИОНЕРОТ ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ СУДСКИ СЛУЖБЕНИЦИ ПУБЛИКА Дејството се одигрува за време на претставата во театарскиот салон СЦЕНАТА, заедно со театарскиот салон, претставува судска сала. Судијата седи право во однос на публиката, лево и десно од него на масата седат членовите на Судскиот совет, а малку понапред се местата на обвинителот и бранителот. На едната страна од сцената е просторот за обвинетиот, а на другата - за записничарот и другиот помошен персонал. Сведоците доаѓаат пред пултот што е поставен скоро на авансцената и стојат со полупрофил во однос на публиката и судиите. При влегувањето на публиката завесата е крената и целата сцена е отворена. Одвреме-навреме влегува судскиот прислужник и проверува дали е сè на своето место. Прв влегува бранителот и го зазема своето место. Ги вади и ги распоредува своите хартии врз масата и уште еднаш го погледнува вчерашниот записник. Потоа влегува обвинетиот следен од милиционер. Тој е скоро отсутен и на почукнувањата од милиционерот реагира сосем механички. И покрај рутината за вакви случаи, тие почукнувања по рамото се благи, скоро сочувствителни. Влегуваат членовите на Судскиот совет, судскиот писар и другите судски службеници. Едни на други си даваат знаци за поздрав. Додека трае ова влегување на службениците на сцената, Судијата излегува од порталот, додаѓа до авансцената и заинтересирано ја разгледува публиката. За тоа време сцената малку се затемнува. Судијата сосем сериозно крева рака за да ја смири публиката и - осветлен од еден рефлектор - проговара: СУДИЈАТА: Сакаш ли вечна среќа - не спиј! Пресврти ја ноќта во ден! Зашто оној што спие е слеп, а при успаните среќата не доаѓа. Но еве ви еден совет на сите што сте тука: зградата построена во прав - во прав и ќе се урне. Ако ви се случи тоа - не обвинувајте го ни бога ни човека: самите сте виновни. Избегајте поскоро од затворот на своето „јас“ одделете се макар на чекор од себеси и ќе видите - во ружите освен трње има и ружи. (Еден рефлектор ја осветлува сликата на Јустиција, со врзани очи и со терезија и меч во рацете, насликана како амблем врз ѕидот над масата на Судскиот совет.) СУДИЈАТА: Ова е куќа на Правдата и јас сум нејзин прислужник. (Покажува на Јустиција). Сфатете го тоа буквално, ве молам. Нејзиното пречисто лице го познавам како вие вашиот џеб. Нејзината солза е секогаш облеана со еден сончев зрак - затоа е толку бистра и светла. Но таа во рацете држи терезија и двоостар меч! Внимавајте, и вие вечерва ќе бидете судии; кој на злосторникот му проштава, со тоа самото злосторство го помага! Затоа - бидете праведни. Овде ќе видите човек што се обидел да заборави на животот како на лош другар. Побарајте го во себе и судете му строго и праведно, како Таа што суди!... (Тој покажува кон Јустиција и исчезнува зад порталот. Сцената се осветлува и присутните се раздвижуваат. Судијата влегува и го зазема своето место. Сите присутни стануваат.) СУДИЈАТА: (Свечено.) Во името на правдата, го отворам денешново судење. (Со обичен глас.) Значи, да продолжиме. Повелете седнете. (Сите седнуваат. Милиционерот го почукнува по рамо обвинетиот и тој механички седнува.) Сите ли се присутни? Застапникот на обвинението? Застапникот на одбраната? Поротата е тука. Сведоците? (Насмевката исчезнува од неговото лице.) Нека дојде сведокот инженер Владимир Крстин - Борски! БОРСКИ: (Влегува.) Тука сум. СУДИЈАТА: Повелете. Пултот за сведоците е онаму. (На писарот.) Земете му генералии. (На Борски.) Кажете ни кој сте, каде работите, година на раѓањето и други лични податоци. БОРСКИ: (Поткашлува.) Се викам Владимир Борски, инженер-архитект, директор сум на Заводот за висока градба. ПИСАРОТ: Кога сте родени и каде? БОРСКИ: Дванаесетти август 1912 година, во Скопје. СУДИЈАТА: (Со насмев.) Вам ви е роден ден денеска? БОРСКИ: Да... СУДИЈАТА: Четириесет и осум години? Возраст на првата мудрост. (Насмевката исчезнува.) Ви обрнувам внимание дека според член 395, став 1 и 2 од Законот за кривична постапка вие сте должен да сведочите и притоа да се држите до вистината и само до чистата вистина. Последиците од лажен исказ ви се познати. БОРСКИ: Да. СУДИЈАТА: Кажете ни што знаете за обвинетиот и за деликтот со кој го товари обвинението. БОРСКИ: (Поткашлува.) Како мислите? Општо? СУДИЈАТА: Конкретно, конкретно. Судот го интересираат само фактите. Знаете зошто е тој овде? Нели? БОРСКИ: Да... СУДИЈАТА: Молам тој ви е колега, нели? БОРСКИ: Да... СУДИЈАТА: Далеку помлад од вас, се разбира. Тој е обвинет за крупна работа. Што знаете вие за тоа? БОРСКИ: Па... За тоа е формирана стручна комисија од инженери и универзитетски професори. Нивното мислење е покомпетентно од моето. Вие располагате со записникот. СУДИЈАТА: Што сте му вие на обвинетиот? Зет? Кум? Татко? БОРСКИ: Му бев само директор. СУДИЈАТА: Па тогаш морате да знаете! Не смеам да ви поставувам директни прашања: како што гледате - десно од мене е обвинителот, лево, одбраната. Веднаш ќе протестираат дека ви сугерирам одговор. Еве ви неутрално прашање: што знаете за обвинетиот и за неговата вина во врска со... БРАНИТЕЛОТ: Приговарам! Вината е докажана! Прашањето е поставено погрешно! СУДИЈАТА: (На Борски.) Ете, гледате ли? (Кон Бранителот.) Приговорот се усвојува. (Кон Записничарот.) Бришете ја мојата последна реченица од записникот... (На Борски.) Да го измениме прашањето: што знаете за обвинетиот и за уривањето на недовршениот хотел „Сплендид“ на улиците Пастерова и Партизанска, при кое загинале еден техничар и еден работник од вашето претпријатие? БОРСКИ: (Поткашлува.) Обвинетиот... Драшко... Обвинетиот инженер Драшко Каровски како службеник на Заводот во овие четири-пет години даде неколку одлични идејни решенија за реконструкција на одделни реони во градот и проекти за крупни објекти како што е Домот на новинарите, хотелот „Партизанка“, киното „Парк“ и новата палата на Народното собрание. Необично е смел и неговите проекти се многу блиски до вистинската креативна, уметничка архитектура. Работеше четири години во научно-студиската група при Заводот и веќе во почетокот стана шеф на таа група. Последнава година, односно од април минатата година - лично изјави желба да помине во оперативата и почна да се занимава со директна изведба на објектите. Објектот хотел „Сплендид“ е негов прв потфат од овој вид. СУДИЈАТА: Гледам - извинете, - гледам многу нови лица во публиката: веројатно ќе ги интересира. Кажете ни нешто за него. Мислам - за хотелот. БОРСКИ: Па... тоа е досега најкрупниот потфат на нашиот Завод. Луксузен угостителски објект од А-категорија, хотел-облакодер со 204 соби и 12 апартмани, со неколку летни бавчи и тераси, ресторани, салони за прием, мотел итн. Според пресметката, требаше да чини околу една милијарда и триста милиони динари, што за наши услови е навистина редок настан. СУДИЈАТА: Зошто му го дадовте токму нему? БОРСКИ: (Поткашлува.) Па... во Заводот долго се зборуваше дали воопшто да го прифатиме тој објект... СУДИЈАТА: Како? Па тоа е проект на Заводот, вие сте го продале... БОРСКИ: Ние изработуваме проекти, но ги изведуваме доколку нѝ одговараат условите. Во случајов, никој од нас не сакаше да се нафати за реализација на проектот. Колегата Драшко сам се предложи. Тој беше автор на проектот. СУДИЈАТА: Зошто вашите инженери откажале да се нафатат?... БОРСКИ: Па... што знам. Нашите луѓе на Драшко често му префрлуваа дека е лесно да се нацртаат неизведливи објекти и слично. Веројатно Драшко беше засегнат од тоа и сакаше да докаже дека неговите проекти не се само фантазија. СУДИЈАТА: Чекајте, чекајте. Вие сте стручњак. Уште повеќе раководите со стручњаци. Објаснете нѝ: може ли еден одличен студиски инженер да биде и одличен изведувач? БОРСКИ: Теоријата и практиката кај нас не се неразделни. СУДИЈАТА: Одговорете со да или не. Може или не може? БОРСКИ: Добар проектант не може да биде лош изведувач. СУДИЈАТА: Во случајов со обвинетиот? БОРСКИ: Колегата е еден од оние, најретките. Имено, неговите способности се навистина... Тој е способен да прави чуда... Јас нему можев да му доверам сè, секаква работа... СУДИЈАТА: М-м-м... Тоа не е сосем во согласност со вашата изјава пред иследникот. (Зема лист хартија од својата папка и чита.) Овде пишува дека обвинетиот инженер Каровски „во последно време стана необично вообразен, дрзок, недисциплиниран“, дека ви правел проблеми... Какви проблеми сте имале со него? БОРСКИ: (Поткашлува.) Таа изјава ја повлекувам. Не е точна. СУДИЈАТА: Вие сте ја потпишале! БОРСКИ: Тогаш бев бесен поради уривањето на објектот и тоа го напишав во афект... Ме разбирате ли, тој го доведе во прашање авторитетот на Заводот. Во несреќата еден техничар и еден работник ги загубија животите, разбирате? Потем - милионска штета и... Не бев при себе кога побараа мислење од мене... СУДИЈАТА: (Кон Обвинителот.) Што да правиме? Сведокот го менува исказот. ОБВИНИТЕЛОТ: (На Борски.) Тогаш не е неточна само вашата изјава, туку неточно, навистина е и сето она што сте го изјавиле пред иследникот! БОРСКИ: Не сакам да му штетам на обвинетиот. Изјавата ја дадов во афективна состојба. СУДИЈАТА: Добро. Тогаш треба да расчистиме една друга работа. Некои сведоци овде изјавија дека вие обвинетиот сте го преместиле во оперативниот сектор по казна, дека со тоа сте му наместиле примка и дека по уривањето на објектот мошне грубо сте раскрстиле со него. БОРСКИ: Тоа не е точно. Во оперативата побара да оди лично тој. Точно е само последното, дека по уривањето на објектот бев бесен, но тоа го објаснив. Не сум раскрстил со него и никогаш не сум имал таква намера. СУДИЈАТА: Имате ли сведоци дека обвинетиот сам барал да го преместите? БОРСКИ: Присутни беа помошник директорот, инженерот Кондарко и загинатиот техничар. СУДИЈАТА: Благодарам. Тоа е сè. - Има ли прашања застапникот на обвинението? ОБВИНИТЕЛОТ: Да. (Станува.) СУДИЈАТА: Повелете. ОБВИНИТЕЛОТ: Инженер Борски, кажете нѝ отворено: какви се вашите односи со обвинетиот? БОРСКИ: Како мислите? ОБВИНИТЕЛОТ: Го мразевте ли вие него, или тој вас ве мразеше? БОРСКИ: Зошто ви е тоа? Хотел „Сплендид“ не се урна затоа што сме се мразеле, ни затоа што сме се сакале! ОБВИНИТЕЛОТ: Ве молам, одговорете на прашањето! БОРСКИ: Јас него го сакав. Од првиот ден кога дојде во Заводот. ОБВИНИТЕЛОТ: Како се однесувавте вие? Како директор и службеник? БОРСКИ: Мислам дека тоа е наша приватна работа. ОБВИНИТЕЛОТ: Секако. Но, одговорноста на службеникот понекогаш може да падне и врз раководителот. А овде, како што слушнавте, некои сведоци нафрлија дека вие сте го мразеле обвинетиот, дека сте му наместиле примка. БОРСКИ: Тоа е подло! Го примив од првиот ден како помал брат! Му дадов стан подобар од мојот! Уште во првите месеци го назначив за шеф на научно-студиската група со плата каква што вие никогаш ќе немате! Прашајте го него! Тој беше одличен работник, соработувавме добро и живеевме добро... Тој беше чест гостин кај мене, јас го посетував него... Што да речам уште? - Никогаш не сум го мразел. Напротив, му попуштав! Бев претерано добар! БРАНИТЕЛОТ: (Скокна.) Молам за збор! Молам во записникот да се внесе и уште еднаш да се подвлече последната реченица на сведокот: сведокот бил чест гостин кај обвинетиот и бил претерано добар кон него, му попуштал! СУДИЈАТА: Точно ли е тоа? БОРСКИ: Точно! ОБВИНИТЕЛОТ: Може ли некој тоа да го докаже? БОРСКИ: Прашајте го него! (Покажува кон Драшко.) ОБВИНИТЕЛОТ: (Кон Драшко.) Зборува ли сведокот вистина? ДРАШКО: (Подбуцнат од Милиционерот - станува.) Признавам... ОБВИНИТЕЛОТ: Благодарам. - Го известувам судот дека ќе побарам да се покрене судска постапка против сведоците инженер Борика Корда и техничарот Славко Лилјановски заради лажно сведочење. - Немам повеќе прашања. (Седнува.) СУДИЈАТА: Судот го потсетува јавниот обвинител дека техничарот Славко Лилјановски загина при уривањето на објектот и лично не сведочеше ниту во претходната постапка, ниту на судењето. Неговата изјава е добиена во вид на писмо до сведокот инженер Борика Корда, која на судот и му го достави. (Обвинителот намавнува со глава дека разбрал.) Има збор одбраната. БРАНИТЕЛОТ: Инженер Борски... Вие тукушто рековте дека не сте го мразеле обвинетиот, дека, напротив, сте му попуштале, сте биле претерано добар спрема него. БОРСКИ: Тој тоа го потврди. Сакате ли да го прашате повторно? БРАНИТЕЛОТ: Прашајте го вие... БОРСКИ: (Збркан.) БРАНИТЕЛОТ: (Гласно.) Обвинет инженер Драшко Каровски! (Драшко срипува.) Точни ли се зборовите на поротникот? ДРАШКО: (Отсутно.) Да... БРАНИТЕЛОТ: Што ве праша тој? ДРАШКО: (Молчи.) БРАНИТЕЛОТ: Што ве праша пред малку јавниот обвинител во врска со сведочењето на инженер Борски? ДРАШКО: (Молчи.) БРАНИТЕЛОТ: Го молам судот да констатира дека обвинетиот не го следи процесов, дека е тотално отсутен, па според тоа неговата потврда на прашањето од обвинителот губи секакво значење. СУДИЈАТА: Констатацијата на одбраната судот ја прима како правилна. Потврдата на обвинетиот е произнесена механички и судот нема да ја земе предвид при оценката на доказниот материјал. Продолжете со прашањата. БРАНИТЕЛОТ: (На Борски.) Обвинетиот дипломирал на Градежниот факултет во Љубљана на 28 ноември, а ваш службеник станал веќе на 1 декември. БОРСКИ: Да. БРАНИТЕЛОТ: Ноември има 30 дена, а патот од Љубљана до Скопје трае најмалку два дена. Како се случило тој да биде назначен од 1 декември, кога за тие два дена практично немал време да поднесе молба за прием на работа, вие не сте имале време да ја разгледате, вашата администрација немала време да му изготви решение за заснован работен однос. Како го објаснувате тоа? БОРСКИ: Патот од Љубљана до Скопје трае само еден ден и една ноќ. Освен тоа, ние однапред знаевме дека Драшко ќе дипломира на 28 ноември. БРАНИТЕЛОТ: Од каде? Вие не сте можеле да знаете дека тој ќе дипломира! БОРСКИ: Знаевме: Тој го заврши факултетот меѓу првите од својата генерација. Испитите ги даваше редовно, за секој положен предмет нè известуваше и кога најави дека дипломскиот испит ќе го даде на 28 ноември, ние знаевме дека тогаш и ќе дипломира. БРАНИТЕЛОТ: И со задоволство му изготвивте решение? БОРСКИ: Да. Со лично задоволство! Но не на 1 декември, туку веднаш штом го добив неговото писмо. БРАНИТЕЛОТ: Го молам судот да констатира дека за обвинетиот било изготвено решение за прием во служба пред тој да дипломира, тоест пред да ги исполни нужните услови и правни прописи за тоа работно место. (На Борски.) Обвинетиот се јавил на работа дури на 5 декември, но вам ви се сторило дека тој е преморен од завршните испити и од патувањето и сте му дале петнаесет дена платен одмор пред да ја види својата канцеларија. Да или не? БОРСКИ: Да - и тоа пак со лично задоволство! БРАНИТЕЛОТ: А врз која правна основа? БОРСКИ: (Кон судијата.) Прашањето го сметам за несериозно. Не сакам да одговорам. БРАНИТЕЛОТ: Затоа што немате одговор? БОРСКИ: Затоа што јас не седам на параграфи! Затоа што неговите раце и неговиот мозок - не се параграфи, туку жив организам што треба да биде способен за да работи! БРАНИТЕЛОТ: Го молам судот да констатира дека на обвинетиот му е даден одмор од 15 дена пред да почне да работи, макар што немало правна основа за тоа. (На Борски.) Вие пред малку тврдевте дека обвинетиот сте го сакале како брат и сте му дале стан подобар од својот... БОРСКИ: Точно! Противзаконско ли е тоа? БРАНИТЕЛОТ: Постојат непишани закони, сведок Борски, кои велат дека и самиот ѓавол нѝ е добар и драг пријател ако имаме некаква полза од него. БОРСКИ: Ве молам - Драшко ми беше приврзан, бевме пријатели и тој не е никаков злосторник. БРАНИТЕЛОТ: А сепак не му дадовте стипендија! БОРСКИ: (Не веднаш.) Стипендија не сакаше тој. БРАНИТЕЛОТ: Зошто? БОРСКИ: Прашајте го него. БРАНИТЕЛОТ: Се сеќавате ли за првиот конфликт помеѓу вас и обвинетиот? Тоа беше за стан, нели? БОРСКИ: Тоа не беше конфликт! Јас него го сакав како свој син! БРАНИТЕЛОТ: Ќе можете ли да нѝ ја реконструирате таа сцена! ОБВИНИТЕЛОТ: Приговарам! СУДИЈАТА: Приговорот се одбива! Бранителот има право да го реконструира случајот ако смета дека е од важност за судската постапка и... ОБВИНИТЕЛОТ: Тој не го реконструира деликтот, туку сцена од приватниот живот... Од правна гледна точка... БРАНИТЕЛОТ: Јас го реконструирам токму деликтот, злосторството колега! Тој е извршен пред правниот чин! СУДИЈАТА: (Чукнува со чеканчето и мирно продолжува)... И ако условите во судскава сала тоа му го овозможуваат. БРАНИТЕЛОТ: Благодарам. (На Борски.) Излезете овде. БОРСКИ: Јас не сум артист... БРАНИТЕЛОТ: Не треба да играте. - Повелете, ова е вашата маса. Се сеќавате ли што работевте тогаш? Кога беше тоа? БОРСКИ: Се сеќавам мошне добро, штом сакате. Само тоа ни малку нема да му биде од полза на вашиот клиент. - Тоа се случи наскоро откога тој стапи на работа... (Светлината се изгаснува и паѓа мала завеса на која стои план на градот. Два рефлектора ја осветлуваат завесата и масата на која Борски седи и држи телефонска слушалка, истовремено прелистувајќи некакви хартии. До масата доаѓа и застанува Драшко.) БОРСКИ: (Во телефонот.) Да... Да... Добро... Знам, само сега немаме доволно инженери... Не, ќе ви го дадам Славко, тоа е искусен техничар. Добро, кажете му на Славко Лилјановски да ми се јави. (Ја спушта слушалката; на Драшко.) И? Што имаш да ми кажеш? ДРАШКО: Се оженив. БОРСКИ: Среќно. ДРАШКО: Сега имам проблеми. Треба да ми помогнете да испливам. БОРСКИ: За неа? Даница? ДРАШКО: Не ви е по волја? БОРСКИ: Зошто толку брзо се ожени, Драшко? ДРАШКО: (Го гледа.) Не разбирам... Зошто се оженив? БОРСКИ: Зошто толку брзо? Ти и не ја познаваш таа девојка. ДРАШКО: А што ви пречи тоа вам? БОРСКИ: Зошто не праша некого? Може ќе чуеше... некоја не сосем како да речам... не сосем пријатна вистина за неа? ДРАШКО: Дека е девојка од улица? Дека е сомнителна?... - Оставете ми го тоа мене, другар директоре. Заборавив да побарам стројници. БОРСКИ: А требаше. Меѓу другото - извини. Но тогаш зошто ми ги донесуваш твоите проблеми овде? Не сум компетентен да ги решавам семејните проблеми на моите службеници. ДРАШКО: (Со насмев.) Воопшто не се работи за тоа. Доаѓам за работа што е исклучиво во ваша компетенција. БОРСКИ: Те слушам, Драшко. ДРАШКО: Ми рековте дека за шест месеци ќе ми дадете стан... Дома ми е веќе неиздржливо... БОРСКИ: Колку си кај нас? Зар веќе минаа шест месеци? ДРАШКО: Шест месеци и шест дена. Барам од вас затоа што домашните бараат од мене. Нашата зграда е готова, сега нема проблем. БОРСКИ: Зошто ми правиш компликации, Драшко. Знаеш дека сè е распределно однапред! Немам стан за тебе, притрпи... ДРАШКО: Дојдов да се советувам со вас. Ми предлагаат подобра работа, трисобен стан и подобра плата. Овде ми е добро, но ако до први не добијам стан, ќе морам да си одам. БОРСКИ: Станови немам и ти нема да си одиш. (Влегува Кондарко.) ДРАШКО: Станови има и јас ќе си одам ако не добијам. Доктор Кондарко е сам, зошто му е трисобен стан? БОРСКИ: Остави го доктор Кондарко на мира. Човекот е универзитетски професор, а ти вчера излезе од студентските клупи. ДРАШКО: Не, не. Едно градежно претпријатие ми дава двојно повисока плата и стан. Не сакам да си одам одовде, но ми требаат услови за работа... БОРСКИ: Не претерувај, Драшко... ДРАШКО: Да сте на мое место вие ни секунда не ќе останевте овде! БОРСКИ: Зошто си нетрпелив? И самиот знаеш дека во градов има стотици инженери, лекари и позаслужени од тебе, па сепак чекаат! ДРАШКО: Сит мисли на утре, а гладен на денес. БОРСКИ: Ме зачудуваш. Вие младите сте некако премногу разгалени... Што е тоа со вас? Разочарани, навредени од секоја ситница... Тој гнев!... Како да барате само причина да бидете такви! КОНДАРКО: Тоа е затоа што младите денеска имаат премногу време. Дајте им ангажман, дајте им проблеми - за да немаат време да бидат разочарани! - (На Драшко.) Кој не гладувал, синко, зборува за глад и пред полна трпеза. БОРСКИ: Татко ти цел живот се борел како грешен ѓавол, слугувал, работел за корка леб и што спечали? А ти сакаш сè одеднаш! ДРАШКО: (Категорички.) Јас не сум татко ми, ниту сум гневен и разочаран, ниту имам премногу слободно време. Јас барам само три фиоки што се викаат современ стан, го барам само она што ми е ветено и на кое имам право. Мене ми треба материјална слобода за да можам да создавам. БОРСКИ: (Скока, но сосила се воздржува.) А кој ми дал мене материјална слобода? Јадев трева и пиев снег и бев среќен да најдам камен за зглавје и да заспијам без страв дека за тоа ќе платам со главата! Јас и брат ти скитавме по планините, јас носам два броја поголеми чевли, зашто нозете ми измрзнаа за денешнава твоја материјална слобода! Добро знаеш дека твојот стан е сосем пристоен во споредба со визбата во која живеам со жена и со две деца. Твоја работа е за кого и како си се оженил - но вие сте двајца, притрпи уште една година и ќе добиеш стан по сопствен проект, а современите фиоки остави им ги на оние што немаат подобар избор. ДРАШКО: Извинете другар директоре. Бев премногу млад за да ви се придружам во планините. Вие се вративте да им обезбедите иднина на вашите деца. А моите браќа загинаа и морам сам да се грижам за себе. Не сме ли квит? КОНДАРКО: Ајде, ајде. Ти ги имаш твоите 25 години. Животот е допрва пред тебе. ДРАШКО: Вам ви се чини дека тоа е доста? Јас сакам да живеам и да создавам токму затоа што имам 25 години. Кога ќе ги имам седумдесет, професоре, нема да ми треба ништо. Фатете ме за нога и - низ врата. КОНДАРКО: Знам една добра поговорка, колега: Не трчај преку мостот до кој уште немаш дојдено. ДРАШКО: (На Борски.) Ќе добијам стан или не? БОРСКИ: Седни... Ќе се нагодиме... Запали. (Му подава цигара.) И немој, брате да пламнуваш. Ако немаш јаки вилици - не покажувај ги забите... И бесните коњи се скротуваат со малечки узди, знаеш? Можам да го примам твојот отказ и да пратам за тебе таква карактеристика, што ниту едно градежно претпријатие да не те земе ни за палир, јасно? Ти си способен инженер, но немој да се разгалуваш. Нема да пропадне Заводот ако го напушти еден млад и перспективен, но дрзок и вообразен стручњак... ДРАШКО: (Категорично.) Другар директоре, одете вие по ѓаволите. Јас не сум злосторник и вие не сте полициски инспектор за да разговарате така со мене. Не ви се допаѓаат моите услови? - Си одам. БОРСКИ: Застани, будала! ДРАШКО: Молам до први јули да ми се обезбеди трисобен стан, инаку си одам. Плашете ги вие врапците со вашите ждановски карактеристики! Не е ова 45-тата! (Си оди.) (Светлината се запалува. Помошната завеса се крева. Судницата. Борски седи со наведната глава.) БОРСКИ: Тој ме фати за најчувствителниот аргумент: на професорот Кондарко навистина не му беше неопходен трисобен стан и тоа навистина не беше 45-тата година. Освен тоа, градежната сезона беше во полн ек, оперативата не можеше да чека, не можевме да стасаме со плановите, инвеститорите застрашуваа со пенали. Во тие услови не можев да отпуштам еден таков висококвалификуван стручњак и тој ја исползува шансата. БРАНИТЕЛОТ: И на 25 јуни Драшко се усели во нов трисобен стан? БОРСКИ: Да. БРАНИТЕЛОТ: Во станот на Кондарко? БОРСКИ: Не. Тоа ќе имаше уште полоши последици. Јас се откажав од стан. (П а у з а.) БРАНИТЕЛОТ: А платата? БОРСКИ: Тој не постави услов и за платата, но тоа ќе дојдеше еден ден. Јас морав навреме да се обезбедам. Но тарифниот правилник не дозволуваше таков износ за еден инженер од Научно-студиската група. Го назначив за шеф на таа група. БРАНИТЕЛОТ: Го корумпиравте, значи? БОРСКИ: Може и така да се сфати. Друг начин не постоеше. Градежните инженери и сега се конјунктурни. Не разбирам - каква врска има сето тоа со објектот што се урна по 5 години? БРАНИТЕЛОТ: (Гласно кон Судијата.) Го обвинувам сведокот инженер-архитект Владимир Крстин - Борски, директор на Заводот за висока градба, затоа што поради својата неспособност да ги решава проблемите на претпријатието, се послужил со корумпирање на своите потчинети и затоа што... ОБВИНИТЕЛОТ: (Скока.) Протестирам! Бранителот врши морална пресија врз сведокот и го застрашува! (Кон Бранителот.) Тоа не е ваша компетенција, колега! СУДИЈАТА: Протестот е усвоен! (На Бранителот.) Не оддалечувајте се од предметот. Поставете му ги на сведокот вашите прашања. БРАНИТЕЛОТ: Ве молам вас, инженер Борски: зошто и со каква цел сте му дозволиле на обвинетиот да ја злоупотребува вашата сентименталност? Зошто сте му попуштиле на еден млад ветерничавко? Каков директор сте вие и на чија одговорност еден почетник сте назначиле за шеф на научно-студиска група? Зошто сте му дале да експериментира, да се вежба, да се изживува со една милијарда и триста милиони динари? Кој ве овластил? Кој ви дал право на тоа? БОРСКИ: Јас не сум педагог, туку директор на претпријатие што мора да биде рентабилно за да не пропадне. Драшко беше одличен стручњак и сакав да го задржам за претпријатието. Освен тоа, кога му го доверив објектот „Сплендид“, тој веќе не беше ниту млад, ниту почетник, туку имаше зад себе пет години плодна работа, успеси и само успеси. Објектот не се урна поради неговата неспособност, туку... БРАНИТЕЛОТ: Туку! БОРСКИ: (Не веднаш, помирно.) Можам да ви речам дека вие сте лош бранител. Наместо да барате олеснувачки факти, вие чепкате по она што само ќе го уништи. БРАНИТЕЛОТ: Молам, молам. Вашето приватно мислење изнесете го кога ќе излезете од оваа врата. Одговорете што мислевте со тоа кога рековте дека објектот не се урна поради неговите неспособности? БОРСКИ: Отсекогаш сум ги сожалувал бранителите по службена должност... Сега гледам дека требало да ги жалам нивните клиенти. СУДИЈАТА: Го молам сведокот да не се впушта во приватни разговори со бранителот. Одговорете на прашањето! БОРСКИ: (Поткашлува.) Драшка навистина го сакав. Моите односи кон него имаат подлабоки корени и не беше само неговата способност и младост причина за сето тоа. Тој мошне добро знае дека брат му ми умре на рацеве. В партизани бевме неразделни. - Но кога Драшко ме присили да му го дадам мојот стан, уште тогаш реков дека ова нема да сврши добро. Материјалната слобода, другари, е прекрасна работа. Но тоа може и да го нагрди човека. Таа може да градира во материјално изобилство, во кое почнува нагризувањето на моралните норми и потем - во материјален раскош што води во морална катастрофа. - Драшко навистина стана дрзок, стана своеглав, не слушаше - ова мораше да му се случи!... (Пауза.) БРАНИТЕЛОТ: Сте имале ли некакви контакти со жената на обвинетиот пред тој да се ожени? БОРСКИ: Познавам луѓе што имале такви контакти со неа. БРАНИТЕЛОТ: Знаете ли дека обвинетиот исто така знаел за сето тоа, но имал некакви причини за да постапи така како што постапил? БОРСКИ: Сега веќе не ме интересира. БРАНИТЕЛОТ: А тогаш го осудивте? БОРСКИ: Сите го осудија. Тоа беше несериозна авантура. Така постапуваат само детишта. Подоцна и тој сфати, но беше доцна. БРАНИТЕЛОТ: (По мала пауза.) Благодарам. Немам повеќе прашања. Слободен сте. Благодарам...(Седнува и нешто запишува.) СУДИЈАТА: Имате ли прашања за обвинетиот? БРАНИТЕЛОТ: (Погледнува кон Обвинителот, но кога овој одречно намавнува со глава кон судијата, брзо упаѓа.) Молам, само две прашања? СУДИЈАТА: Повелете. (Милиционерот го потупнува по рамо Драшко.) БРАНИТЕЛОТ: (Доаѓа до Драшко.) Имате ли доверба во мене? ДРАШКО: Сеедно ми е... БРАНИТЕЛОТ: Точни ли се наводите на вашиот директор? ДРАШКО: Да... БРАНИТЕЛОТ: (Кон Судијата.) Благодарам, немам други прашања. (Си оди на своето место.) ДРАШКО: (Станува, кон Судијата.) Можам ли на мојот бранител да му кажам два збора? СУДИЈАТА: Се разбира. Повелете. ДРАШКО: (На Бранителот.) Не бевте прав кога пред малку докажувавте дека не го следам процесот. Сакам само да кажам дека ми е сеедно... Не е потребно толку да вложувате напори. Тоа сакам да го кажам... Но вие сте добар правник... (Тој како да му се насмевнува со симпатии на Бранителот. Се свртува кон Судијата и пак со онаа апатија.) Толку. Благодарам. БРАНИТЕЛОТ: (Ја клава својата рака врз неговата.) Благодарам. ДРАШКО: (Му намавнува со глава и уморно му се насмевнува.) (Си седнуваат секој на своето место.) СУДИЈАТА: Сведокот... Галевски Јордан! ДАНЧО: (Доаѓа облечен во работнички комбинезон, ја симнува капата и недоверливо се обѕрнува.) СУДИЈАТА: Ви обрнувам внимание дека пред судов сте должен да се држите до вистината и само до чистата вистина. ДАНЧО: (Се обѕрнува.) Не сакам никому да му штетам... СУДИЈАТА: Не плашете се, не сте викнати овде за да штетите! - Дајте ги вашите лични податоци. ДАНЧО: (Се фаќа за џебот.) Лична карта? СУДИЈАТА: Ма не... Кажете нѝ кој сте, занимање година на раѓањето и другите лични податоци. ДАНЧО: Се викам Галевски Јордан. Роден сум на 23 септември 1928 година во Неготино на Вардар... (Се обѕрнува.) СУД.ПИСАР: Пардон... Која година рековте? ДАНЧО: Дваесет и осма. СУД.ПИСАР: Занимање? ДАНЧО: Градежен палир. СУД.ПИСАР: Каде работите? ДАНЧО: Па во Заводот за висока градба, луѓе божји! (Се обѕрнува.) СУДИЈАТА: Ве молам, не викајте. Што ви е? Никој не ве навредува! Зар ви е првпат да ги давате личните податоци? ДАНЧО: Јас сум само еден мирен и чесен работник, другар судија. Што ме влечете постојано по судови и по иследници? Ме запишавте во сите црни книги, сега оди па речи дека си чесен човек!... - Не сакам да зборувам против Драшко. СУДИЈАТА: Тоа и не се бара од вас. Вие ќе треба само да посведочите во врска со некои тези на обвинението. ДАНЧО: Не сакам да обвинувам никого. СУДИЈАТА: Ако чесно ја кажете вистината, никој нема да ви рече дека сте згрешиле. - Кажете нѝ што знаете за обвинетиот, за објектот што се урнал и за сè што сметате дека треба да кажете. ДАНЧО: (Туткајќи ја капата в раце.). Другар судија... Нема тука што да се зборува... Драшко... то ест, другарот инженер, тоа си е човек на место. (Се обѕрнува и полека се загрева.) Знаеше човечки да постапува со човека. Така ли е?... Сите ние го сакавме како брат! Тоа можам да го кажам за Драшко. Знаеше што е работничка мака, знаеше да поразговара со човека, да помогне, да разбере кога некој ќе... Така ли е? Покојниот Славе Лилјановски ми беше другар од војска. Тој секогаш велеше дека нашиот Драшко... то ест, другарот главен инженер, е човек - десет браќа да имаш, сите да ги дадеш за него... СУДИЈАТА: Добро. Ете тоа сакавме овде да го чуеме. Сега уште да нѝ кажете и нешто за уривањето на објектот и ќе бидете слободен. ДАНЧО: Токму тоа сакав да го речам, другар судија. Драшка сите го сакавме. И Борски, и Кондарко, и Славе, и јас, и палирите и работниците - сите. Немаше таков човек него што да не го сака како роден брат. Така ли е? Во тоа можете да бидете сигурен. Драшко знаеше од последниот работник да побара цигара, ако немаше при себе, и секој беше готов да му ја даде последната. А кога имаше... СУДИЈАТА: Добро, добро, тоа е јасно. Нема сега да расправаме за цигари! - Одговорете на второто прашање, за објектот. ДАНЧО: Токму тоа сакам да го кажам, другар судија! Што е една цигара? Срамота е човек да зборува, така ли е. Драшко беше душа на претпријатието. Зошто нашиот Завод стана прочуен? И уште ќе кажам: кај што беше тој главен инженер, таму беше празник за нас, работниците и техничарите! Ете каков човек е тој! СУДИЈАТА: Одлично! (Станува.) Веќе три дена овде слушаме само тиради и славопојки! Драшко е гениј, Драшко е талент, Драшко е светец! Добро - а сега престанете да ја туткате таа капа во рацете и кажете нѝ како се урна хотелот. ДАНЧО: Токму тоа сакам да го кажам другар судија! Можно ли е таков човек да биде обвинет за хотелот? Срамота е да се зборува, другар судија. Луѓето ќе ни се смеат! Јас ракава ја давам, еве, исечете ја до рамово, ако тој нешто е виновен. Ни збор. Еве, јас, па и покојниот Славе Лилјановски, сите ние сме согласни да застанеме на неговото место - така ли е. Судете ни нам! Ние не даваме на нашиот инженер ниту едно влакно од главата да му падне, а не да биде виновен за нешто! СУДИЈАТА: Тогаш - кој е виновен по ваше мислење? ДАНЧО: „Кој е виновен“... Зошто мора некој да е виновен? Никој не е виновен! Пред некоја година овде се случи земјотрес, така ли е? Кој беше виновен? Немојте така, ве молам, ние сме чесни, работни луѓе, возрасни луѓе сме... СУДИЈАТА: Вие, значи, уривањето го сметате за несреќен случај? ДАНЧО: Не знам јас, другар судија. Оти е несреќа, несреќа е. Јас само мислам: срамота е еден ваков човек да го доведете овде со стража. Еве, јас не се шегувам - наредете Драшко да застане овде, тој нека биде сведок, а јас ќе седнам на неговото место кај другарот милицонер. Тоа јас го знам. Така ли е? Судете ми мене! (Се обѕрнува, но сега веќе послободно.) СУДИЈАТА: (По мало размислување.) Има ли прашања јавниот обвинител. ОБВИНИТЕЛОТ: (Станува.) Да... СУДИЈАТА: (На Данчо.) Одговарајте сега на неговите прашања. (На Обвинителот.) Повелете, колега. ОБВИНИТЕЛОТ: Слушајте ме сега мене, сведок Галевски... ДАНЧО: Слушам... ОБВИНИТЕЛОТ:... И одговарајте кратко, само со „да“ или „не“. ДАНЧО: Добро. ОБВИНИТЕЛОТ: Обвинетиот, кого што вие фамилијарно си го викате Драшко... ДАНЧО: Тоа не е фамилијарно, другар обвинител, тоа е чисто другарски, така ли е. ОБВИНИТЕЛОТ: Нека биде така. - Обвинетиот Драшко, вие велите дека... ДАНЧО: Јас велам дека тој е неправилно обвинет! ОБВИНИТЕЛОТ: (Не веднаш.) Не туку упаѓајте, ве молам. Слушнете првин што ќе речам и одговорете со „да“ или „не“. ДАНЧО: Добро. ОБВИНИТЕЛОТ: (Натаму ги забрзува прашањата.) Беше ли редовен на објектот, или не? ДАНЧО: Кој? - Јас?... ОБВИНИТЕЛОТ: Не вие, туку обвинетиот. ДАНЧО: Беше... То ест - да. ОБВИНИТЕЛОТ: Доаѓаше редовно на работа... ДАНЧО: Да... ОБВИНИТЕЛОТ:... Не задоцнуваше... ДАНЧО: Не... ОБВИНИТЕЛОТ:...не отсуствуваше... ДАНЧО: Да. ОБВИНИТЕЛОТ:... не правеше грешки... ДАНЧО: Не... ОБВИНИТЕЛОТ: Сè беше нормално... ДАНЧО: Да... ОБВИНИТЕЛОТ: ... уредно... ДАНЧО: Да... ОБВИНИТЕЛОТ:... и на своето место? ДАНЧО: Да! ОБВИНИТЕЛОТ: Тогаш од каде дошле кривите столбови на објектот? ДАНЧО: Не, не!... То ест - да! (Се обѕрнува.) Ова... ОБВИНИТЕЛОТ: Ова? ДАНЧО: (Не веднаш.) Сега ме збркавте... Што требаше да кажам? СУДИЈАТА: Вистината! ДАНЧО: Да! ОБВИНИТЕЛОТ: Што - да? ДАНЧО: Па тоа... (Кон Судијата) Видете, другар судија! Ако треба да кажам нешто против Драшко - нема да кажам! Вие збркувајте ме колку што сакате, тоа нема да важи. Да сме на јасно! СУДИЈАТА: Одговорете на прашањето од обвинителот! ДАНЧО: Не, не! Извинете... Јас убаво ви реков: ако барате против Драшко да кажам - нема да кажам. Тоа никако! ОБВИНИТЕЛОТ: Не плашете се, не сме овде за да оцрнуваме некого и да бараме да ни кажат дека белото е црно и обратно. Значи, - да констатираме. Обвинетиот беше прекрасен човек, нели? ДАНЧО: Апсолутно! ОБВИНИТЕЛОТ: Одличен другар... ДАНЧО: Одличен! ОБВИНИТЕЛОТ: Ве сакаше сите вас... ДАНЧО: Да. И ние него го сакавме. ОБВИНИТЕЛОТ: Работниците, службениците... ДАНЧО: Да, да... ОБВИНИТЕЛОТ: Само со дирекцијата немаше добри односи, нели? ДАНЧО: Да... То ест (Категорично.) Не! И со дирекцијата имаше добри односи. ОБВИНИТЕЛОТ: Зошто лажете? ДАНЧО: Кој лаже? Јас лажам? Извинете - (Налутено.) вие само ме збркувате, а после лажам! ОБВИНИТЕЛОТ: Што знаете за односите помеѓу обвинетиот и директорот на Заводот? ДАНЧО: (Вика.) Ма што имам јас да знам? Што ме прашувате мене се сакал ли некој со некого или не? Не сум јас ничија стрина овде! Јас сум работник, така ли е, а тие се раководство! Ете ви ги обајцата - прашајте ги нив! СУДИЈАТА: Не сакате да сведочите? ДАНЧО: Зошто? Сакам! Можам да кажам нешто што знам, другар судија, а она што не знам - не знам! Така ли е! СУДИЈАТА: Па тогаш не викајте овде, туку кажете: не знам, не ми е познато. ДАНЧО: Не знам. Не ми е познато. ОБВИНИТЕЛОТ: (Збркан, гледа неколку секунди во масата на која се потпрел со двете раце.) Немам повеќе прашања. (Седнува.) БРАНИТЕЛОТ: (Станува.) СУДИЈАТА: Му давам збор на застапникот на одбраната. (На Данчо.) Одговарајте на неговите прашања... ДАНЧО: Добро. БРАНИТЕЛОТ: Јас сум бранител на Драшко. Барам од вас да ми помогнете. ДАНЧО: (Со недоверба.) Да... БРАНИТЕЛОТ: (Ја клава раката врз својата папка.) Овде ги имам сите главни аргументи што ќе докажат дека Драшко не е виновен ниту за една тула од несреќниот објект! Но останува една ситница што ќе мораме да ја дообјасниме... Последните неколку дена Драшко престана да доаѓа на објектот. Јас знам дека е тоа грешка, но да бев јас во неговата кожа, јас истото ќе го сторев. Така? ДАНЧО: (Молчи. Под око се обѕрнува.) БРАНИТЕЛОТ: Спомнете си за последниот ден кога Драшко дојде на градилиштето. Кога беше тоа? ДАНЧО: (Не веднаш и несигурно.) Не знам... Не ми е познато. БРАНИТЕЛОТ: (Вика.) Тогаш признајте дека се плашите за својата кожа! Драшко ќе биде ослободен - како ќе му погледнеме в очи? Или пак ќе имаме полна уста фалби и клетви колку сме вљубени во него? - Одете си! ДАНЧО: (Стои.) БРАНИТЕЛОТ: (Му свртува грб и си оди на место.) ДАНЧО: (Како тој да е виновникот.) Тоа беше некаде последните денови пред да се случи... Драшко... то ест, другарот главен инженер, навистина не доаѓаше на објектот но јас и покојниот Славе Лилјановски имавме доста маки околу тоа... Борски секој ден... Другарот директор, секој ден ни бараше извештаи... То ест - дневни извештаи. БРАНИТЕЛОТ: Што пишувавте во нив? ДАНЧО: Јас не се сеќавам, можеби другарот директор... Тој веројатно ги чува... БРАНИТЕЛОТ: Пишувавте изјави против Драшко! Тоа кажете го! Клевети дека не доаѓа на објектот, дека е неодговрен, дека пие и скита со сомнителни девојки! Тоа го пишувавте во тие „дневни извештаи" за вашиот пријател... ДРАНЧО: (Глуво.) Тоа не е вистина... И тој така мислеше, но тоа не е вистина, не е вистина, не е вистина! (Ја треснува капата во подот.) БРАНИТЕЛОТ: (Мирно.) Благодарам... Имате ли нешто да додадете? ДАНЧО: Имам! (Решително.) Јас ќе речам... Тој ден мошне добро го помнам, но го помнат и тие... Тоа беше еден месец, или можеби две недели пред несреќата, во август, знам дека беше топло, скоро приквечер... СУДИЈАТА: Работевте и ноќе? ДАНЧО: (Нему.) Да. Нон-стоп. СУДИЈАТА: Земете си ја капата. ДАНЧО: (Не престанувајќи да зборува, ја зема капата.) Тој ден Драшко беше цел ден на објектот и добро се сеќавам дека, првпат откако го знам, пееше, зашто со Славета се зачудивме колку убав глас имаше... на седмиот кат изводеше циркуси на дигалката и... рипаше како Тарзан... Беше весел. - Тогаш, пред самиот мрак... Да, нешто пред осум часот, се договаравме за ноќната смена, кога... БРАНИТЕЛОТ: Сакате ли да го реконструираме тоа? ДАНЧО: Да. Така подобро ќе си спомнам. БРАНИТЕЛОТ: Повелете, само ако може овде. Замислете дека овде е... (Плеснува со раце.) Дајте светлина, молам! - Осум часот навечер, на градилиште, лето! Така?... ДАНЧО: Така. Да речеме ова е градилиштето. Зградата е онаму, зад нас, крената е до седмиот кат, - само бетонскиот костур... Ние стоевме под кранот, тоа е големата дигалка, знаете, и сега ги има низ градов... (Светлината се менува. Екстериер, - паѓа завеса од тил со силуета на облакодерот во изградба. Вечер. Доаѓа Драшко во летна кошула, Славко - во сина работничка облека и Данчо во комбинезонот.) ДАНЧО: Денеска добро се изнаработивме, а, другар инженер? ДРАШКО: Што? Да не имаш рандеву? СЛАВКО: Токму! Ваков неранимајко и рандеву! - Гости има, а цел ден не ги видел. ДРАШКО: Какви гости? (Ги нуди со цигара.) ДАНЧО: (Ја симнува капата и зема цигара.) Ти Славко, си најумен кога молчиш, а тоа толку ретко ти се случува. СЛАВКО: А ти имаш уста, па зборувај! ДАНЧО: Добро, адвокати не ми требаат. Јас и не сакам да ги видам тие гости. (На Драшко.) Се собрале цела чета роднини од жена ми: „Да го погледнеме саемот“!... А веќе цела недела ги ранам. ДРАШКО: Ти братче, јави се во Дирекцијата на Саемот и барај оштета. И клај ја капата на глава. - Кој е она? (Вика.) Еј, Борика!... БОРИКА: (Се доближува.) Добра вечер! Кој овде е одговорен? ДРАШКО: (подава рака да прескокне некое железо.) Здраво. БОРИКА: Градежна инспекција, другар. Ќе ви ставиме приговор поради ова безредие на градилиштево. Си ги испокршив нозете. (Се наведнува.) Опа! И новите чевли ги изгребав! СЛАВКО: Другар инженер - јас ја плаќам штетата! (С м е а.) ДРАШКО: Ова се моите соработници, Борика. Славко и Данчо. Весели момчиња. (Ним, театрално.) Инженер Борика Корда, како што знаете. Мојата прва, несудена и - псст, да не чуе жена ми - незаборавна љубов. Згодна дама, нели? СЛАВКО: Повеќе згодна одошто дама! БОРИКА: (Ги празни чевлите од песок.) Одговорот е точен! Инженер и дама - тоа некако слабо му оди. Здраво. (Се ракуваат.) Што е тоа со вас, луѓе, имате ли вие куќа, жена, деца? Или ќе ноќевате овде? ДРАШКО: Ако останеш со нас - и ќе ноќеваме! Важи момци? СЛАВКО: Не важи! Доволно бев стражар во мојот живот во војската. (С м е а.) БОРИКА: (На Драшко.) Достоен одговор за таков конзервативен предлог. При денешниот стандард оваа романтика под рефлектори и меѓу купишта железа - ни малку не е привлечна! СЛАВКО: Ќе ви пуштиме музика од кранот! Не ќе морате да шепотите! ДРАШКО: (Се обѕрнува.) Навистина, каква чудна тишина... - Како си Борика? БОРИКА: (Ослушнува.) Слушате?... Штурче... - Здрава сум како риба и гладна како волк. Кој од вас тројцата ќе ме води на вечера? КОНДАРКО: (Однадвор.) Јас. БОРИКА: Доктор Кондарко! (Му подава рака.) Добра вечер. Се радувам дека ве сретнав овде. КОНДАРКО: Гледајте, гледајте! Имаме и украс на градилиштето! - Добра вечер, Борика. Каде загинавте вие деновиве? БОРИКА: Служба. Бев десетина дена во инспекција на југ. Стасав попладнево и еве ме право овде. КОНДАРКО: Совршено правилно. Во Заводот и така нема жива душа, а Драшко и не помирисува веќе. Се откажа од старите пријатели. - Како производството момци? СЛАВКО: Гониме кон облаците, докторе! КОНДАРКО: Го завршивте ли петтиот? СЛАВКО: Погледнете! КОНДАРКО: (Погледнува угоре.) Охо!... Еден, два, три, четири, пет... шест... седум! Како? За четири дена два ката? ДРАШКО: Имате некоја забелешка? СЛАВКО: Доктор Кондарко се бунтува против нормите. ДАНЧО: И јас се бунтувам против нормите. Денеска кренавме цел кат, но помирно ќе спијам ако ноќеска малку стопираме. ДРАШКО: Објектот мораме да го покриеме пред дождовите. БОРИКА: Зошто? Рокови? ДРАШКО: Не љубам да бетонирам по дожд, тоа е сè. КОНДАРКО: (Покажува на Данчо.) Ова момче знае да размислува. Бетонирајте дење. СЛАВКО: А што ќе правам јас со работниците од ноќната смена? Да ги слушаме штурчињата? ДАНЧО: Може да се поработи на расчистување на градилиштето, може да се приготви арматурата и да се шалува. КОНДАРКО: Бетонот и ноќта се стари непријатели! СЛАВКО: Глупости! - Извинете, докторе. (Симнува капа.) Сакав да кажам... па имаме добри рефлектори! КОНДАРКО: Рефлекторите не се добри момче. Јас сум 40 години на вакви згради и знам дека рефлекторите не допираат до секоја греда... СЛАВКО: Како што сакате. Мое е да слушам... ДРАШКО: Докторе Кондарко... Кој ве пратил вечерва во осум часот на мојов објект? КОНДАРКО: Никогаш не сум дошол кај тебе да ти пречам колега. Доаѓам да помогнам, ако треба. ДРАШКО: Доаѓате да ме контролирате и тоа токму кога ја вршам смената. И знам кој ве праќа. Но кажете му на тој господин дека инженер Драшко Каровски е тврдоглав, вообразен и запалена глава и не ги прима вашите совети. БОРИКА: Застанете, застанете... Тука има недоразбирање... ДРАШКО: И оставете ме еднаш на мира, бавачки не ми се потребни! Јас ќе бетонирам кога ќе сметам дека треба да се бетонира! БОРИКА: Драшко, не викај така на професорот! ДРАШКО: Нема овде никакво недоразбирање, Борика. Мојот директор едноставно губи доверба во мене, тоа е сè. Овој старец е само трансмисија во неговата интервенција одозгора! Ги присилува моите најдобри соработници секој ден да пишуваат изјави за мене!... ДАНЧО: (Излегува панично од сцената, бранејќи се од рефлекторите.) Не! Не е точно! Не пишувавме изјави, не е вистина! БРАНИТЕЛОТ: (Од мракот.) Сведок Јордан Галевски, зборувајте ја вистината. Чистата вистина! ДАНЧО: Не е точно! Не пишувавме ништо против Драшко! Не е вистина! Тој не знае! БРАНИТЕЛОТ: (Од мракот.) Не прекинувајте ја сцената! Продолжете така како што било! Продолжете! ДАНЧО: Јас ќе објаснам! Ќе се заколнам! Давам чесен збор, - Драшко нѝ беше како брат! Не пишувавме против него!... БРАНИТЕЛОТ: (Од мракот, строго.) Доста! Продолжете со реконструкцијата! (Мала пауза. Сите стојат на местата каде што се најдоа при прекинот.) ДРАШКО: (Со ист тон како кога беше прекинат): Мојот директор едноставно губи доверба во мене, тоа е сè!... Праќа шпиони, бара изјави од моите соработници, ме следи на секој чекор како да сум криминалец! Не му даваат на човека да здивне! Само збрки, збрки и збрки! - Какви се тие бесмислици, докторе? КОНДАРКО: Слушни ме ти, синко. Слушни ме добро... Оној што постојано тврди дека животот е бесмислица и збрка... со тоа само признава дека самиот е збркан. ДРАШКО: Благодарам за мудроста! Но дозволете, докторе, и студентите не остануваат вечно студенти. КОНДАРКО: И инженер на инженер може понекогаш да му советува нешто умно! ДРАШКО: Тогаш советувајте ми нешто умно, а не да ја прекинам градбата? Ви ја нудеа - ја одбивте! Оставете ми ги мене грижите ќе се урне ли врз мојава глава или не! Не учете ме како се меша бетон! КОНДАРКО: Ти си прав синко... Ти си прав... Но погледни - (Тој се поттргнува за коса.) - Оваа коса не е обелена од животна радост... Во мојот живот секогаш имав помалку пријатели, отколку што сакав да имам. Знаеш ли зошто? ДРАШКО: (Со иронија.) Мислам дека ве разбирам, професоре... КОНДАРКО: Никогаш не е излишен еден пријател повеќе! БОРИКА: Професоре... КОНДАРКО: (Ја прекинува со гест. На Драшко.) Имав 24 години кога се најдов сам во туѓа земја, без никој свој. Бев чувар на коњи во Цариград, бев ноќен портир во хотел „Асторија“ во Каиро, работев во Александрија, работев во Париз, со татко ѝ (покажува на Борика.) градев куќи во Љубљана, бев архитект при дворецот на крал Александар... и денеска ги имам 68 на грбот... Во мојот живот научив едно добро правило: не паѓај му на заб на оној што ти го дава лебот!... СЛАВКО: „Напред не оди, назад не останувај, среде - некревај врева!“ Како да го слушам татко ми! КОНДАРКО: Татко ти не бил глупав човек момче... ДРАШКО: Го слушаш ли ти ова, Борика? Ме советуваат да станам хипокрит! КОНДАРКО: Тоа е тежок збор, Драшко... Да си ми син, сега ќе ти удрев шлаканица! БОРИКА: (И самата збркана.) Не сакам да ви се мешам, но... Данчо, чинам, имаше добар предлог. Работете ноќе на грубите работи, подгответе се за утре... ДРАШКО: Да им дадеме по една метла и престилка на работниците? Остави те молам. КОНДАРКО: Како сакаш... Овде командуваш ти....(Тргнува.) БОРИКА: Каде професоре? Вие навистина се искаравте за ништо. Можеби не се разбравте? Можеби... КОНДАРКО: (Ја прекинува со гест.) Тој е сега силен и не му е потребно да го разбираат... - Простете, колега. Нема веќе да ви пречам... (Тргнува и пак се свртува.) Сакам да речам - моето е готово... За година или две можеби ќе ме најдеш на некоја пензионерска клупа во паркот, со потпрена брада врз бастунот... Ако видиш дека сум задремал - речи си: овој старец мене ме сакаше... Не беше секогаш прав, но... се трудеше... (Ја загубува мислата.) Добра ноќ... Добра ноќ Борика... Добра ноќ деца... (Си оди.) ДРАШКО: (По пауза.) Извини Борика... БОРИКА: Тја!... Како да не сте веќе старите пријатели? ДРАШКО: Ова веќе ми оди на нерви. Ова е секој ден. Ме следат, ме советуваат, ме контролираат! Се плашат да не им го минирам објектот што ли? (Тој седнува и нервозно чука со некоја тула, тројцата присутни гледаат во него со исчекување.) Што ме гледате? Не убив никого! Но ако еден ден станам гад... (Ја фрла тулата.) БОРИКА: (На Славко и Данчо.) Што велите момци, ќе останам ли јас денеска без вечера? Или да појдам сама? ДРАШКО: (Станува, ја зема под рака.) Ајде... Славко, ноќеска работете под твоја команда. Ако сакаш - бетонирај, ако не сакаш - прави што знаеш. (На Данчо.) Ти појди кај твоите гости. (Излегуваат со Борика.) БРАНИТЕЛОТ: Дајте светлина, молам! (Нормално осветление. Завесата од тил се крева. Драшко веќе се вратил на своето место. Данчо излегува пред бранителот.) ДАНЧО: Тоа беше разговорот. Сега се сеќавам дека тоа беше десетина дена пред уривањето, во средата. Драшко и порано се губеше, а од тој ден веќе не се појави на градилиштето. Во следниот петок имавме веќе готова бетонска конструкција за девет ката, десеттиот само што беше почнат, кога испопукаа столбовите и се урна... БРАНИТЕЛОТ: Пишувавте ли изјави за тие десетина дена? ДАНЧО: Па моравме!... (Сè поангажирано.) Но ние не пишувавме против Драшко! Тој може да мисли што сака, но ние, јас и Славко Лилјановски, не бевме шпиони, напротив, го криевме него, пишувавме дека божем дошол на градилиштето, извршил проверка - така ли е? Лажевме! Лажевме дека нашол такви и такви неисправности и ги казнил тие и тие работници! А него по цели денови го немаше, нека каже самиот, така ли е? Ние не дадовме ниту еден збор против Драшко. Ниту збор!... БРАНИТЕЛОТ: (Кон Судијата.) Благодарам. Немам други прашања за сведокот. ОБВИНИТЕЛОТ: (Рипа.) Молам за збор! СУДИЈАТА: Повелете. ОБВИНИТЕЛОТ: Поради мојата нетактичност, јас не успеав да ги извлечам од сведокот овие важни факти што ќе ги употребам во обвинението. Го ползувам случајов јавно да му изразам срдечна благодарност на колегата бранител за помошта што ми ја укажа. (Кон Бранителот.) Благодарам. (Седнува.) БРАНИТЕЛОТ: (Се насмевнува како човек што знае повеќе.) СУДИЈАТА: (Нему.) Немате... ништо во врска со тоа? БРАНИТЕЛОТ: Јас? О, не, не! Колегата беше мошне љубезен. Благодарам. СУДИЈАТА: (На Данчо.) Слободен сте, одете си на место. Благодарам. (Седнуваат секој на своето место.) СУДИЈАТА: (Тропнува со чеканчето.) Нека дојде сведокот Даница Каровска. (Даница станува од првиот ред во салонот и полека се качува кон пултот за сведоци. Тоа е ретко убава женствена фигура, свесна дека по раѓањето на две машки деца уште повеќе се разубавела. Сепак, очигледно е дека затворањето на Драшко ја изненадило, па оттаму она мешање на страв од можните последици и храброст да се бори.) СУДИЈАТА: Кажете нѝ име, презиме, кога сте родени и другите лични податоци. ДАНИЦА: Даница Каровска, по татко Шурланова. Родена сум во село Порек, на 21 март 1935 година. ПИСАРОТ: Професија? ДАНИЦА: Забар. СУДИЈАТА: Ви обрнувам внимание дека според член 395, став 1 и 2 од Законот за кривична постапка пред судот сте должни да зборувате вистина и само чиста вистина. ДАНИЦА: Молам! СУДИЈАТА: Ќе ви поставам едно интимно прашање. Ако не сакате, не морате да одговорите. ДАНИЦА: Молам! СУДИЈАТА: Дали вашиот брак со обвинетиот произлегол од љубов, или не? ДАНИЦА: Нашиот брак... Да... Тоа беше една вечер... седев на една маса во ресторанот „Македонија“, во сепарето... СУДИЈАТА: Доволно е, доволно. Одговарајте само со „да“ или „не“. ДАНИЦА: Молам! СУДИЈАТА: Уште едно неделикатно прашање: беше ли тој вљубен во други жени пред вас? ДАНИЦА: Да, но кога се сретна со мене... Видете, - таа вечер во „Македонија“ ние долго разговаравме... Потоа тој ме одведе на градилиштето и ми раскажуваше за некоја мала авантура... СУДИЈАТА: Благодарам. - Можете ли да си спомнете за некој повод што привремено ги затемнил вашите брачни односи? ДАНИЦА: (Гледа во судијата.) СУДИЈАТА: Не гледајте ме така. Потребно е да одговорите, но ако не сакате - нема да ве присилувам. Морам да ви напоменам дека вашата биографија на Судов му е позната. ДАНИЦА: (Засегната; ниско.) Смеам ли да прашам: од каде? СУДИЈАТА: Од материјалите на претходната постапка, што на Судов службено му се доставени. ДАНИЦА: Сето тоа е лага. СУДИЈАТА: Како? ДАНИЦА: Сето тоа се глупави, подли, злобни уличарски озборувања. Требало некој и мене да ме праша, можеби и јас нешто знам за мојата биографија... СУДИЈАТА: Чекајте, чекајте... Јас воопшто не мислев на тоа! ДАНИЦА: Знам на што мислите. Знам што мислат и оние што во овој момент ги впиле очите во мене... Се лажат. Јас нема ни сега да си скршам нога за да ме остават на мира. Нема да си го ископам окото. Јас само молам да не им даваат нозе на нивните кривоноги лаги, зашто веќе доволно ги има околу мене. СУДИЈАТА: Сметате ли дека и некои сведоци... некои од присутниве... се жртви на такви кривоноги лаги? ДАНИЦА: Тие се само прекупци. А жртвата е онаму... (Покажува кон Драшко.) СУДИЈАТА: (Разнервиран.) Признајте отворено, сведок Каровска: вие ги мразите родителите на Драшко? ДАНИЦА: (Не веднаш, ниско.) Ги мразам... Го мразам и инженер-архитектот Владимир Крстин - Борски. (Борски срипува и стои.) ...затоа што поради тој стан крена цел заговор против Драшко. Го мразам и тој професор Кондарко, што како бездомна мачка се умилкува за да те гризне. Ги мразам моите стари што од третата година ме оставиле на улица и старите на Драшко што од првиот ден ме пречекаа со шлаканици и ми ги натоварија на грб сите светски гревови. Уште кога го пречекорив прагот на таа куќа, тоа беше како во куќата да влегол мртовец. Мразам многу работи во животот, но има и нешто што сакам... Го сакам мојот маж и моите два сина. БРАНИТЕЛОТ: (Рипа.) Молам за збор.... Сведокот пред малку рече дека со обвинетиот се запознала во ресторанот „Македонија“ и дека тој потоа ја одвел на градилиште. (На Даница.) Ве одвел ли и друг пат на некој од објектите што ги градел неговиот Завод. ДАНИЦА: (По пауза.) Не... БРАНИТЕЛОТ: Сте помислиле ли - зошто? ДАНИЦА: (Збркана.) Како можам да знам?... Јас се трудев... Тој никогаш дома не зборуваше... Јас не сум виновна... Тој постојано од нешто беше незадоволен... Јас... Тој секогаш беше чист, испеглан, сит... (Замолкнува.) БРАНИТЕЛОТ: (Ја гледа.) Се разбира... И вие тоа го нарекувате љубов. (Кон Судијата.) Се извинувам за ова мое упаѓање. (Седнува.) СУДИЈАТА: М-да... - Ќе мораме да се вратиме на деликатните теми. Знаете ли нешто поблиску за односите на обвинетиот и некоја другарка... Борика Корда, инженер? ДАНИЦА: (Ја свртува главата.) Не ја познавам... БРАНИТЕЛОТ: Зошто лажете? ДАНИЦА: Не ја познавам! Знам само толку, дека Драшко, кога студирал во Љубљана, се познавал со неа! Можеби се симпатизирале... то ест... СУДИЈАТА: Ја мразите ли неа? ДАНИЦА: Не. Мене ми е жал за неа. Знам дека таа го сожалува Драшко, кој, божем, попаднал во груби раце, но јас ја жалам што и покрај школото што го има - не го прочитала. Ни него, ни мене! Јас знам како се постапува со маж. СУДИЈАТА: Благодарам. И ве молам да ме сослушате сега. ДАНИЦА: Молам! СУДИЈАТА: Мажот ви е обвинет за тешко дело. Обвинението, а и некои сведоци, го товарат како асоцијален, неодговорен, аморален и бескарактерен човек. Јас нема да го барам вашето мислење за тоа, зашто сте негова сопруга и вашето мислење ќе биде пристрасно. Но одбраната мисли дека обвинетиот бил под депресија, морална и психичка, и тоа му го зема како олеснувачка околност. Што мислите вие за тоа? - Го разбравте ли прашањето? ДАНИЦА: (Самосвесно.) Разбрав, разбрав. Мојот маж е инженер. Него го обвинуваат дека му се урнал хотелот. Јас мислам дека хотелот можел да се урне и да не бил Драшко под морална и психичка депресија. Но јас ве прашам, ќе пропадне ли државата ако се урнат уште десет такви хотели? Драшко е добар работник, ќе заработи и ќе ја плати штетата. СУДИЈАТА: Благодарам. (Кон Обвинителот.) Има ли обвинителот прашања за сведокот? ОБВИНИТЕЛОТ: Да, само едно прашање! СУДИЈАТА: Повелете. (На Даница.) Одговарајте на прашањата од обвинителот. СУДИЈАТА: Молам! (Се свртува кон Обвинителот.) ОБВИНИТЕЛОТ: Сведокот пред малку рече дека објектот можел да се урне и да не бил обвинетиот во состојба на морална и психичка депресија. Може ли сведокот уште еднаш да го потврди тоа свое мислење? ДАНИЦА: Може. Потврдувам. ОБВИНИТЕЛОТ: Мислите ли вие дека причината за уривањето на хотелот можела да биде од сосем друга природа? ДАНИЦА: Јас мислам дека може. ОБВИНИТЕЛОТ: На пример? ДАНИЦА: (Малку дезориентирано.) Што знам!... И други згради се уривале, па... Ние ќе ја платиме штетата и готово. ОБВИНИТЕЛОТ: (Строго.) А кој ќе ги плати животите на двајцата невино загинати работници! Кој ќе им ги врати хранителите на двете недолжни семејства? (Пауза. Даница не одговара.) Благодарам. Немам други прашања за сведокот. (Седнува.) СУДИЈАТА: Одбраната има збор! (Даница се свртува кон Бранителот.) БРАНИТЕЛОТ: Знаете ли дека за овој непријатен случај сте виновна и вие? ДАНИЦА: Јас? (Се смее.) Ајде, ве молам! БРАНИТЕЛОТ: Тој бил несреќен со вас. Вие сте го малтретирале и него, и неговите родители, и... ОБВИНИТЕЛОТ: Приговарам! Одбраната го застрашува сведокот и му сугерира соучество! СУДИЈАТА: Приговорот е усвоен. Одбраната треба да поставува прашања, а не да сугерира заклучоци. - Продолжете. БРАНИТЕЛОТ: Јас ќе докажам пред овој суд дека обвинетиот бил поттикнуван на злосторство! Дел од одговорноста паѓа и врз неговата сопруга! ОБВИНИТЕЛОТ: Немојте да правиме мелодрама, колега! БРАНИТЕЛОТ: Треба ли да го потсетам колегата обвинител дека 90 насто од судските процеси се посветени на дела чија подлога е мелодрама? ОБВИНИТЕЛОТ: Ха, ха, ха! Ма оставете, само губиме време... БРАНИТЕЛОТ: Тогаш бидете љубезен и не прекинувајте ме со приговори што се цел сами за себе. ОБВИНИТЕЛОТ: (Станува навредено.) Слушајте, колега. Денеска е веќе трет ден како нè водите по врвици што, сè ми се чини, се цел сами за себе. Што сакате да докажете со тоа дека вашиот клиент не бил вљубен во сопствената жена? Зар тоа не е смешно, колега? - Дајте еднаш да го слушнеме вашето пледоаје! Што копате по доблестите на обвинетиот. Погледнете ја од кој сакате агол - доблеста е жртвување на себе си! А вашиот клиент е црн како оваа врска што ја носам! (Седнува.) БРАНИТЕЛОТ: (Мирно.) Денеска имате бела врска колега. ОБВИНИТЕЛОТ: (Скока, но се здржува.) Простете, но ваша должност е да ја почитувате смислата на она што го зборувам! Не трудете се да бидете премногу духовит! БРАНИТЕЛОТ: Благодарам! Само заборавате дека она што го барате од другите е и ваша должност! СУДИЈАТА: (Тропа со чеканчето.) Молам, молам, колеги, не оддалечувајте се од предметот! Ја молам одбраната да продолжи со прашањата, доколку ги има. БРАНИТЕЛОТ: (По пауза, на Даница.) Можете ли да си спомнете за вечерта на 12 септември минатата година? Врнеше силен дожд. Таа вечер дошло до прилично остра расправија помеѓу вас и родителите на вашиот маж. Сте му кажале на мажот ви дека свекорот ве тепал и тој ги нападил од дома, така што старите биле принудени да спијат кај некои роднини. Оттогаш тие веќе не се вратиле. Така ли е? ДАНИЦА: Не е така. Тие самите си отидоа, по своја волја. БРАНИТЕЛОТ: Ги молам таткото и мајката на обвинетиот да повелат овде. (Тие доаѓаат од салонот.) Бидете љубезна госпоѓо, и замислите дека ова е нивната соба. Овде е вратата. Според исказот на некои од сведоците, вие сте дошле и сте застанале на врата. Како се случило стариот да крене рака на вас? ДАНИЦА: Јас мислам дека тоа секому може да му се случи. Се знае дека сите свекрви се љубоморни и ги мразат снаите. Не е ни прв ни последен пат. БРАНИТЕЛОТ: Бидете љубезна... (придржува домашен фустан, таа го облекува). ДАНИЦА: Вака беше... Јас бев во кујната, а старите во собата... (Светлината се сконцентрира во собата.) БРАНИТЕЛОТ: Тоа беше нивна соба, нели? ДАНИЦА: Од каде нивна? Да не ја спечалиле, на пример? - Маж ми им ја даде да живеат одвоено, за да не се караме. - Стариот седеше до масата, (Стариот го зазема местото.) а старата на отоманот... (И таа го зазема местото.) Стариот беше поднапиен и пееше некоја песна, а јас ги успивав децата... (Таа се повлекува. Таткото, поднапиен, се ниша на столот. Мајката нешто плете.) ТАТКОТО: (Пее.) Сонце всходит и заходит, а в тјурме мои темно-о, дни и ноќи часовои... бережот мое окно... ДАНИЦА: (Доаѓа на вратата.) Тате... Можеш ли да престанеш да пееш? Ги успивам децата... МАЈКАТА: (Нејзе.) Што бараш ти овде? Куќата ти е таму! ДАНИЦА: Ако може малку потивко... Децата... МАЈКАТА: Ако му се пее, ќе пее. Нема ти да му командуваш во куќава! (На таткото.) Што ја слушаш? Пеј си, ако ти се пее! Ако им се спие на децата - ќе спијат! ДАНИЦА: Па не можат да заспијат кога пее толку гласно... Вратата е отворена... МАЈКАТА: Бегај таму, кучко, дури не сум грабнала нешто! Косите ќе ти ги искубам! ТАТКОТО: Море јас нејзе ќе ѝ покажам (го зема бастунот.) ДАНИЦА: На помош! Ме убија! Ме отепаа!... ДРАШКО: (На врата, во наметка за дожд.) Што се случува овде? МАЈКАТА: Ме тепа жена ти! Ако не беше татко ти да ме одбрани, ќе ме задавеше! ДАНИЦА: (Плаче.) Тој пееше... Цел час веќе не можам да ги успијам децана. Го помолив само да пее потивко, а тие обајцата се нафрлија... ТАТКОТО: Лажеш, уличарко! ДРАШКО: И таа ве изнатепа обајцата? - Добро. Од денеска да не ми стапнете обајцата на прагон, јасно? И запомнете еднаш за секогаш дека мојата жена не е уличарка, туку моја жена! Како не ви е срам! ДАНИЦА: (На Бранителот, кој е во мракот.) Така беше. После старите се направија навредени и самите излегоа уште истата вечер, а утредента нѝ дојдоа роднините, каде што спиеле. Стариот рекол дека јас сум го избркала од дома. БРАНИТЕЛОТ: Запалете ја светлината! (Нормално осветление.) Го молам судот да дозволи истава сцена да ја реконструирам според искажувањето на Никола Каровски, таткото на обвинетиот! СУДИЈАТА: Има ли против јавниот обвинител? ОБВИНИТЕЛОТ: Не. Тоа е дури забавно! Ќе гледаме театар!... СУДИЈАТА: Судскиот совет? (Двајца членови одобруваат со глава.) Одбраната има збор. - Повелете. БРАНИТЕЛОТ: (На таткото.) Видовте како беше реконструирана сцената на таа караница. Ве молам обидете се сега да си припомните за сите детали од таа вечер и раскажете ја сцената без ништо да сокриете. Само онака како што навистина се случило. ТАТКОТО: Јас таа вечер навистина бев малку поднапиен. Пиев од мака и пеев од мака. Тука ми горчеше нешто. (Покажува на градите.) Родениот син пред очи ми пропаѓаше... БРАНИТЕЛОТ: Тоа го знаеме и на сите ни е жал. Но син ви е обвинет. Во негова полза е да ја кажете чистата вистина. Поминете на предметот, ве молам. (Плеснува со рацете.) - Светлина, молам! ТАТКОТО: Да, да... Разбирам... Тааа песна јас секогаш си ја пеам кога ми е тешко на душава. Ја научив кога бев на печалба во Керч, на Црно Море. Бевме четворица скопјани, сиромаштијата нè натера и отидовме таму на печалба, како пристанишни работници... БРАНИТЕЛОТ: Да, да. И таа вечер ја пеевте истата песна... ТАТКОТО: И таа вечер ја пеев истата песна... Врнеше, немаше каде да излезам, и... (Светлината веќе е сконцентрирана во собата. Таткото е повеќе тажен, отколку пијан.) (Пее.) Сонце всходит и заходит, а в тјурме мои темно, дни и ноќи часовои... бережот мое окно... ДАНИЦА: (Со тресок застанува на врата. Таа е во домашен фустан и го мачка лицето со дебел слој крем.) Можеш ли да престанеш да пееш? Нема да те слушам цела ноќ! Сакам да си ги успијам децата! МАЈКАТА: (Нејзе.) Што бараш ти овде? Ако му се пее, ќе пее, - куќата ти е таму! ДАНИЦА: Мојата куќа е и овде и таму! А вие, ако сте се испијаниле, одете в кафеана па врескајте и кршете. Во оваа куќа сакам мир! ТАТКОТО: Данице, зошто се лутиш без потреба? Па колку пати сум ги успивал со таа песна!... МАЈКАТА: Остави ја. Не гледаш - сигурно пак чека некого! (На Даница.) Нема да пее. Мачкај се таму и не споденувај кавга за ништо! ДАНИЦА: Јас нема вас да ве прашам кога треба да се мачкам и кога не. Нели ме нејќете? Нели ви е срам од мене? Што сте ми се прилепиле овде како таксени марки. Живот веќе немам од вас! ТАТКОТО: Нè бркаш? - Добро... Жено, собери си ги парталите и дај ми го бастунот. ДАНИЦА: А! Сакаш да се тепаш? (Ја напаѓа мајката, која станала.) Ќе ви го покажам јас бастунот! Пијаници! ТАТКОТО: Не! (Станува, ѝ ја фаќата раката на Даница.) Не кревај рака на неа... Таа му е мајка! ДАНИЦА: (Вика.) На помош! Ме убија! Ме отепаа! ДРАШКО: (На врата.) Што правите? Каква е таа врескотница? (Отсутно поминува крај неа и соблекувајќи ја патем наметката за дожд - посегнува да ја закачи.) ДАНИЦА: (Плаче.) Ме натепаа! Татко ти и мајка ти! Јас не останувам во оваа куќа на пијаници! Му реков само потивко да пее, а тие скокнаа врз мене: „Кучко! Кучко!“... ТАТКОТО: Драшко, лаже! (Нејзе.) Како не ти е срам!... ДРАШКО: (Ја ислушува неподвижно, со рака на закачалката, потем полека ја откачува наметката и пак ја облекува.) ТАТКОТО: (Исплашено.) Драшко?... ДРАШКО: (Поминува, сите му се иставаат од пат, на вратата застанува и, повеќе со болка отколку со бес, кон Даница.) Пред да си го исчистиш лицето, требаше прво душата да си ја исчистиш!... (Излегува.) ДАНИЦА: (Решително.) Застани, Драшко! ДРАШКО: (Застанува без да се сврти.) ДАНИЦА: Каде! ДРАШКО: Ти знаеш каде... ДАНИЦА: Кај неа?... Кај Словенката? ДРАШКО: Ти знаеш каде. ДАНИЦА: Што ти е таа тебе? (Пауза.) Што сум ти јас, Драшко? ДРАШКО: (Се враќа и седнува.) Оваа жена ми е мајка, Данице. Овој човек овде ми е татко! (Ја погледнува в очи.) Тие загубија ќерка и два возрасни сина во војната, запамети го тоа... Дозволи дека јас нив можеби ги сакам, дека им должам нешто, и... (Станува, уморено.) Немој така... Немој... зашто ќе те претепам како мачка... ДАНИЦА: Нели? Па убаво, Драшко... Ти честитам. Сјајно!... А јас сум некој партал најден на улица, нели? Јас немам право на свој живот, немам право на тебе, немам право на моите два сина!... - Знаеш ли дека поголемиот денеска ми го плесна в лице зборот „кучко“? И уште еден збор што ми е срам да го кажам? Не знаеш? А тие убави зборови ги научил од нив!... ДРАШКО: (Со горчина.) Кој вели дека глупакот не знае да мисли? Само што тој секогаш размислува по сторената глупост!... (Излегува.) ТАТКОТО: Драшко... Синко!... ДАНИЦА: (Кон Драшко.) Оди! Оди исплачи ѝ се во скутот!... (На таткото и мајката.) Што не го запрете? Што ме гледате - одете, запрете го!... (Скоро низ заби.) Сте му седнале на врат како кукумјавки и го јавате како... Да сте родители на место ќе му ги одврзевте рацете, а не... Паразити... Туку јас вас ќе ве научам... Јас ќе ве седнам на врел стол... (Си оди при децата.) (П а у з а.) БРАНИТЕЛОТ: (Плеснува со раце.) Светлина, молам! (Нормална светлина.) (На Даница.) Вие се заколнавте дека пред судов ќе зборувате вистина и само чиста вистина. За лажно сведочење исто се одговара. - Што е вистина овде? ДАНИЦА: (Малку збркана.) Јас не лажам. БРАНИТЕЛОТ: Откога старите го напуштија вашиот стан, истата вечер кај вас бил во посета пријателот на вашиот маж, инженерот Борски. Од каков карактер била таа посета? ОБВИНИТЕЛОТ: Приговарам! БРАНИТЕЛОТ: Не приговарајте, колега. ОБВИНИТЕЛОТ: Сведокот може да не одговори на тоа прашање! БРАНИТЕЛОТ: Не мора! Но ќе побарам реконструкција на истата таа вечер, кога обвинетиот се вратил дома порано одошто бил очекуван! Сцената што ја видел ни малку нема да ѝ ласка ни нејзе, ни... БОРСКИ: Не е вистина! ДАНИЦА: Тоа е лага! Тоа е гадно озборување на уличари! БРАНИТЕЛОТ: Не дозволувајте, госпоѓо, за тоа да побарам мислење и од мажот ви, за кого што постојано тврдите дека безумно ве сакал! ДАНИЦА: Молам! Прашајте го! - Драшко... БРАНИТЕЛОТ: (По мала пауза.) Го молам обвинетиот... ДРАШКО: Тоа беше Борски. Мојата жена лаже. (П а у з а) БОРСКИ: Што е тоа? Што измислувате сега? ДАНИЦА: Но јас... БОРСКИ: Не е вистина! Тоа се глупости! БРАНИТЕЛОТ: Ве молам, воздржете се. Потребно е таа да каже. - Но? ДАНИЦА: (Плаче.) БРАНИТЕЛОТ: Го молам судот да извлече заклучок... - Немам повеќе прашања за сведокот. Благодарам. (Се враќа на местото.) (Даница слегува од пултот наполно збркана.) БОРСКИ: Молам за збор! (Доаѓа на сцена.) СУДИЈАТА: Што сакате? Повелете. БОРСКИ: Тоа бев јас! Но бев повикан! Во 11 часот ноќта по телефон бев викнат да дојдам и... БРАНИТЕЛОТ: Кој ве викнал? БОРСКИ: Таа! Но, кога се врати Драшко, немаше никаква „сцена“ што некому ќе му ласка, или ќе го навреди. (Кон Драшко.) Нека каже тој! БРАНИТЕЛОТ: Зошто ве викнала таа? БОРСКИ: (Се совладува.) Јас на Драшко му кажав уште кога се ожени дека за неа требаше да праша некого. Премногу добро ја познавам, другар бранител по службена должност, за да си дозволам „сцени“ какви што очекувате. Кога веќе сте забуричкале таму, требало да прашате други, а не мене! (На Драшко.) Зошто молчиш? Зошто зборуваш во гатанки! Какви „сцени“ сум ти приредил јас? Зошто не ја кажеш вистината?... ДАНИЦА: (Доаѓа пред Борски.) Што знаете вие за мене? Кои се тие „други“ што треба да плукнат на мене? БОРСКИ: Јас со вас немам што да разговарам, госпоѓо! БРАНИТЕЛОТ: (На Даница.) Сакате ли да објасните, сведок Каровска: зошто на 12 септември минатата година во 11 часот во ноќта сте го викнале Борски? ДАНИЦА: (Го гледа вкочането.) БРАНИТЕЛОТ: Не сакате да одговарате? Ви беше ли потребна помош, или сакавте да му се одмаздите на Драшко? ДАНИЦА: (Ниско, навредена до солзи.) Сите вие мислите дека јас... Сите вие мислите дека сум сакала да бидам таква... Никогаш не сакав! И јас имам достоинство макар и на жена, и јас сакам да ме почитуваат!... Туку вие... вие знаете да се пошегувате со нас... Првин нѝ пеете песни, нѝ ги симињате ѕвездите, а кога ќе го добиете своето - покажувате на нас со прст!... Само Драшко беше чист спрема мене, како можев да го заменам со друг? Никогаш немаше да го изневерам! Никогаш? (На Борски.) Ве викнав за да побарам помош од вас. А вие одбивте! - „Госпоѓо, на вашиот маж не може веќе никој да му помогне... Ни нему ни вам!“ - Тоа ми го рековте! Јас не ве пречекав гола!... (Доаѓа пред Драшко.) Можеш да ми плукнеш в лице, ако лажам... Или сега ми префрлуваш за она што ми го прости пред да бидам твоја? ДРАШКО: (Станува.) Момент. (Тишина.) Ако сакав да се бранам, јас сè уште сум во состојба да си платам адвокат. Го молам бранителот по службена должност да не се плетка во мојот приватен живот. Објектот хотел „Сплендид“ се урна и точка! Јас лично сум одговорен за причинетата штета, го слушав обвинението и ја признавам мојата вина. БРАНИТЕЛОТ: (Доаѓа пред него.) Вие можете да признаете дека и ланскиот снег се стопил исклучиво по ваша вина. Но судот не може да донесе одлука врз база на признание, ако тоа не е поткрепено и со аргументи. По онаа сцена со вашите родители вие сте заплакале, човеку Драшко Каровски, - да, или не? ДРАШКО: Без причина! БРАНИТЕЛОТ: Без причина човек може да се насмее, но да заплаче - никогаш! (Се свртува и зема од својата маса штедна книшка и ја крева за да ја видат сите.) Му ставам на располагање на судот уште еден корпус-деликти за љубовта на сведокот кон нејзиниот сопруг. На оваа банкова штедна книшка, на име Даница Каровска, по татко Шурланова, за неполни три години внесени се вкупно еден милион и триста и десет илјади динари. На тринаесетти септември минатата година на оваа книшка внесени се деведесет и две илјади динари. Му обрнувам внимание на Судов дека истиот ден на триесетти септември рано изутрината, обвинетиот беше притворен. (Доаѓа пред Даница.) Не знам што сте очекувале од несреќата на вашиот сопруг, но во секој случај брзо сте реагирале и сопствената состојба добро сте ја обезбедиле. (Ја остава книшката пред Судијата и се свртува.) Го прашам сведокот: каде е книшкатата на обвинетиот? Обете се отворени во ист ден, на првата годишнина од бракот! (Од својата чанта зема друга книшка.) Овде е. Еве ја!... Но таа е празна! (Ја остава и неа пред Судијата.) ДРАШКО: (Малку збркан.) Вие, изгледа уживате да копате по туѓи рани? БРАНИТЕЛОТ: Ја вршам само мојата службена должност. (Се враќа на место.) ДРАШКО: Ова е вашата прва одбрана? БРАНИТЕЛОТ: Да, почетник сум, ако целите на тоа. Дипломирав пред една година. ДРАШКО: Јас бев исто таков идеалист пред пет години. Човек е првин млад и чесен, а потоа станува умен. (Седнува.) БРАНИТЕЛОТ: Благодарам. (Се гледаат.) И уверен сум дека сè уште сте млад, и чесен. Одговорете му на сведокот... (Покажува кон Борски.) (Пауза. Тишина.) ДРАШКО: (Станува.) Што сакате од мене? Објектот „Сплендид“ не се урна затоа што жена ми била умна или глупава, туку исклучиво и само исклучиво по моја вина. Зошто правите комедии овде? Јас лично сум одговорен за сè, - зошто не го завршите еднаш ова глупаво „кој, што и зошто“? Стрелајте ме! Обесете ме! Плукам на вашите бранители и обвинители! СУДИЈАТА: (За тоа време со чеканчето, вика.) Обвинет инженер Каровски! Ви го одземам зборот! ДРАШКО: (Не веднаш.) Тоа ли е сè што можете да сторите? СУДИЈАТА: Да, за жал, само тоа. Но ќе ви кажам уште нешто: многу рано сте почнале да го кревате гласот на постарите од себе... ДРАШКО: Доста... Доста!... Доста! (Т и ш и н а.) СУДИЈАТА: (Неговиот глас во тишината ѕвони необично остро.) Што значи тоа? На кого викате вие? ДРАШКО: Сакате ли да сфатите нешто еднаш за секогаш? Не солете им памет на другите. Човек не треба да е стар колку вас, за да му загорчи овој кус, смешен живот! СУДИЈАТА: Момче, симнете го гласот... И не зборувајте глупости! Животот е навистина краток, но човек секогаш има време да се покаже каков е... ДРАШКО: Згрешив и ќе ја поднесам заслужената казна! Што сакате уште од мене? БРАНИТЕЛОТ: (Доаѓа пред него.) Зошто викате? Сакате ли уште еднаш пред овој собир овде да докажете дека дрскоста е маска зад која се крие страшливецот? Од што се плашите вие? СУДИЈАТА: (Скока.) Ги молам странките да не се оддалечуваат од предметот и да бараат збор! Што е ова овде? ОБВИНИТЕЛОТ: Молам за збор! СУДИЈАТА: Што имате да кажете? Повелете. ОБВИНИТЕЛОТ: Си земам за право на судов да му обрнам внимание на следново. Инвеститорот, како тужител, побара заштита од овој суд за причинетата штета во износ од една милијарда и триста милиони динари. Штетата е направена со уривањето на недовршениот хотел-облакодер „Сплендид“ на улиците Пастерова и Партизанска. Изведувач е Заводот за висока градба, а изградбата се одвивала според проектот и под директно раководство на обвинетиот. Стручната комисија, составена од инженери и професори на неколку југословенски универзитети, по два месеци темелна анализа, значи екс професо, - утврди дека плановите и пресметките на целокупниот објект, со сите негови детали, се точни и дека до уривање дошло поради несолидната градба. Проверката покажа дека арматурата била неисправна, градежното железо непрописно, бетонот нечист и подпросечен, двата столба што се урнале - криви! Одговорниот инженер за овој објект е пред нас. И тој е сепак толку чесен да ја признае целата вина. Сметам дека со тоа доказната постапка е завршена. Несфатливо ми е денеска овде едно: како може одбраната тврдоглаво да оди по врвиците на приватно-моралното, а да го апстрахира главниот корпус-деликти? И второ: што ќе добие Судов од тоа, ако установи дека обвинетиот имал приватни грижи какви што можат да ги имаат и други што сепак си ги вршат своите должности и обврски кон заедницата? Зар поради семејните неуредности на одговорниот инженер in maiorem dei gloriam ќе заборавиме дека инвститорот е оштетен со една милијарда и триста милиони динари? Зар ќе заборавиме и на двете невини жртви што настрадаа под урнатините? - Ја молам одбраната, која толку инсистира на непотребното расплинување на доказната постапка во мелодрамски екскурзии, - да го изнесе својот став и своите интенции јасно, инаку ќе бидам принуден да побарам одлагање на судењево и примена на членот 278 од Законот, според кој Судскиот совет може да го отстрани бранителот, да му го одземе правото на одбраната и да повика друг бранител. Зашто ова е очигледно саботирање на процесов! - Немам прашања за сведокот. (Седнува и преку рамо дофрлува.) Можете да си одите на место. (Нервозно ја затвора папката.) СУДИЈАТА: Морам да соопштам дека членот 278 се однесува за бранител што го нарушува процесот, а што овде не е случај. - Има ли застапникот на одбраната одговор на поставените прашања во истапувањето на јавниот обвинител. БРАНИТЕЛОТ: Да. СУДИЈАТА: Имате збор. БРАНИТЕЛОТ: Се извинувам што морам да го потсетам колегата обвинител и другите присутни на една стара школска вистина: summum jus, summa injuria! Најголемото, најстрогото право е понекогаш и најголема неправда. Затоа постојат два вида правосудство: јустиција дистрибутиве, правосудство, што, оценувајќи го деликтот, води сметка за околностите под кои делото е извршено и јустиција комутатива, правосудство што не води сметка за тоа. Уверен сум дека нашето современо правосудство, со оглед на тоа дека живееме во релативно мирно време, а не во војна, каде што работите се гледаат во сосем поинаква светлина, - ќе води сметка за околностите под кои делото е извршено, зашто јас тоа ќе го докажам - и самите околности се дел од деликтите и алиби за мојот клиент. Колегата Обвинител го смета процесот за завршен со единствениот деликт: урнатиот хотел и со признанието на обвинетиот, пред малку изјавено во афективна состојба. Судот се увери дека и еден од главните сведоци го повлече својот исказ со објаснување дека го потпишал во слична афективна состојба! Освен тоа, членот 304 од Законот за кривична постапка изрично нагласува дека признанието на обвинетиот, колку тоа и да е потполно, не го ослободува судот од должноста да изведува и други докази. Урнатиот хотел е последица, колега обвинителе, а ние мораме да ги побараме причините! Располагам со факти што ќе бидат од несомнена полза за донесување праведна пресуда и моја должност е да ги изнесам овде во полна светлина. Но мое право е тие факти да ги изнесам кога ќе сметам дека е време за тоа и дека ќе влијаат најобјективно, а тоа е нормалниот пат на судската постапка. - Застрашувањето што колегата обвинител ми го упати со наводно одлагање на процесот и барање примена на член 278 го сметам исто така за изречено во афект. Тоа уште повеќе ми дава право да се борам пресудата да не биде обележана со таа нотка на досада, или премореност кај јавниот обвинител, или кај некој друг од присутниве. Ако е потребно и ако Судов најде за сходно, согласен сум процесов да го прекинеме додека колегата обвинител си дојде на себеси. (Седнува.) СУДИЈАТА: Судот е задоволен со објаснението. Имаат ли забелешки членовите на Советот? (Тие даваат знак дека немаат забелешки.) Бара ли обвинителот дополнително збор? ОБВИНИТЕЛОТ: Не. Благодарам. Колегата не страда од многу учтивост. СУДИЈАТА: (Три удари со чеканчето, официјално.) Со оглед на натрупаниот материјал што треба да се среди, а врз основа членот 289 став 1 од Законот... (Погласно кон публиката.) - објавувам 15 минути одмор. Одведете го обвинетиот. Ги молам сведоците да не се оддалечуваат од судот. Ќе продолжиме точно по 15 минути. (Тој ги собира своите папки и хартии и излегува. Сцената се испразнува и салонот наполно се осветлува. Завесата не паѓа.) (П а у з а.) - КРАЈ НА ПРВИОТ ДЕЛ - В Т О Р Д Е Л ТЕАТАРСКАТА публика ги зазема своите места во салонот. За тоа време на сцената влегуваат некои од артистите. Судскиот писар остава по една копија од записникот на масите од судскиот совет, обвинителот и бранителот. Бранителот влегува и веднаш се зафаќа со прегледување на своите хартии и записникот. Обвинителот влегува подоцна, очигледно нерасположен, нервозен и решен да се држи строго и бескомпромисно. Последен влегува судијата - тоа е знак за почеток на претресот. Светлината во салонот се изгаснува. СУДИЈАТА: (Тропнува со чеканчето и станува.) Судот ја продолжува работата. Нека дојде сведокот Никола Каровски. ТАТКОТО: Тука сум, тука сум. СУДИЈАТА: (На Писарот.) Неговите генералии ги имате. (На Таткото). Вие сте татко на обвинетиот? ТАТКОТО: Сум. СУДИЈАТА: Ви обрнувам внимание на член 395, став 1 и 2 од Законот за кривична постапка. Должен сте да сведочите и пред судот да ја зборувате... ТАТКОТО: (Истовремено со Судијата.) Вистината и само вистината. Разбирам. СУДИЈАТА: (Со воздив.) Кажете ни вие, татко, што знаете за уривањето на хотелот „Сплендид“? ТАТКОТО: Јас не знам како станало тоа. СУДИЈАТА: Според вашиот исказ пред иследникот, вие често сте оделе на објектот и сте разговарале со надзорниците и палирите. Што ве интересирало таму? ТАТКОТО: Како што ме интересирало? Одев да прашам како е син ми! СУДИЈАТА: Што ви одговараа? ТАТКОТО: (Не веднаш.) Син ми беше ми забранил да доаѓам и дома, во станот, и на хотелот. Јас си гледав од подалеку и кога го немаше него, го прашував Славко, момчето што загина. Тој ми велеше дека не е добро што син ми не доаѓа на објектот по неколку дена. Знам дека на Драшко му беше тешко на душата, па го молев тој да внимава, да му помогне ако може... СУДИЈАТА: Ви рекол ли некој друг од надзорниците дека обвинетиот не доаѓал на објектот по неколку дена? ТАТКОТО:... Па, тоа е вистина. И јас го знам тоа, а го знае и директорот, Борски. јас бев кај него да го молам, зашто син ми не ми се чинеше добар со здравјето. СУДИЈАТА: Што ви одговори тој? ТАТКОТО: Директорот ми рече дека Драшко не сака да разговара со него, дека си увртел в глава како божем тој му е виновен за нешто. А јас тоа дури сега го разбирам, кога момчево (покажува на Бранителот) ја прашуваше Даница. - Гледате, другар судија, подобро мене да не ме прашате... Тешко ми е. Не знам што да кажам... Четири деца имав... Ми остана само тој... Не знам. СУДИЈАТА: Што имате да кажете за вашите односи со снаа ви? ТАТКОТО: Што да кажам? Снаата и свекрвата и во поговорките се скарани. Младите си се млади и сакаат на своја рака да си бидат господари во својата куќа. Ние сме стари, што се вели, мислиме дека повеќе знаеме. - Ете ти караница! (Кон Драшко, користејќи ја паузата.) Не ти чини работата, синко мој... На старост со мајка ти нè...Их, их, их!... СУДИЈАТА: Вие, значи, сметате за правилно младите да живеат одвоено од нас, старите? Тогаш зошто не ги оставите на мира? ТАТКОТО: Зошто... - Јас сум само еден служител во банката, другар судија. Што ти знам јас што е правилно и што не е? Кога бев дете, татко ми постојано викаше: „Денешниве млади се избезобразиле, мрзливци станале, лоши, глупави!“ Сега јас и ти го зборуваме истото. Кој ќе му фати крај на сето тоа! СУДИЈАТА: А невестата? Вие знаете дека има закон во оваа земја и дека полагате некакво право на син ви... ТАТКОТО: Тоа не се работи така. Од природата треба да се учиме. Порано ние имавме една шатка - ете, ја купивме на пазар и ја чувавме заради него. (Погледнува кон Драшко.) Најмил нѝ беше, уште гимназија учеше. - Доаѓаме ние со Драшко дома, а таа: га-га, га-га, гачи. Ние кон неа, а таа кој знае зошто престана. Нè гледа и молчи. А убава шатка, со црна бувка на глава и со црвени нозе. Ја зедовме - молчи. Тогаш ние почнавме да гачиме: га-га, га-га. А таа гледа и се чуди. Се изнагагавме ние со Драшко, а почитуваната шатка туку се сврте, ни го покажа опашот и си отклинка... Ете, тоа е филозофија. Те дразнат ли - сврти им грб и оди си. - Ние самите си отидовме, другар судија. Никој нас не нè нападил од дома. Само... СУДИЈАТА: Само? ТАТКОТО: (Погледнува кон Драшко.) Се гледа - доцна беше. СУДИЈАТА: (Замислено.) Хм... - Има ли прашања за сведокот? (Станува Бранителот.) давам збор на одбраната. БРАНИТЕЛОТ: (На Таткото.) Простете, забите изгледа не ви се токму? ТАТКОТО: Заби... Кој ти гледа заби сега, синко. - Добри беа... БРАНИТЕЛОТ: Каде ги правевте? Верувам дека тоа било скоро? ТАТКОТО: Да, пред година и пол. Бев кај внук ми во Белград, та тој ме натера. Внук од сестра, воен лекар. БРАНИТЕЛОТ: Ах, така. Мислев да не е некоја протекција со снаа ви. Таа е исто забар, нели? ТАТКОТО: Јас не сакав кај неа. БРАНИТЕЛОТ: Таа ли ви забрани? ТАТКОТО: Никој не ми забранил. Не сакав јас. БРАНИТЕЛОТ: Зошто? ТАТКОТО: Моја работа. А таа веднаш и престана да работи откога.... БРАНИТЕЛОТ: Простете, можете ли да кажете зошто го мразите син ви? ТАТКОТО: (Не веднаш.) Погледни, синко. (Ги шири прстите од двете раце.) Десет прсти имам, фала му на бога. Нареди нека ми исечат еден од нив. Секој еднакво ќе боли. А едно дете имам! Како можам да го мразам моето дете? БРАНИТЕЛОТ: Тогаш зошто не му помогнавте? Знаете ли дека вие сте првиот виновник, првата причина што син ви го доведе овде? Ја мразевте жена му од првиот ден, а со тоа го мразевте и син ви. Зошто не му помогнавте? ТАТКОТО: Ако сите умовите си ги изнесевме на пазар - секој ќе си го купеше својот ум... Едно дете ми остана, го гледав како капка вода... Ми беше тешко да ѝ го дадам на онаа... БРАНИТЕЛОТ: Еве, не сте го дочувале, како што гледате. ТАТКОТО: Ти, дете, си многу млад за да му судиш на еден татко. Треба првин да одгледаш толкав син, па да судиш. - Туку да го оставиме тоа. Оставете ги снаите и свекрвите, да ја вршиме работата, ако има уште што да се врши. БРАНИТЕЛОТ: Благодарам. Немам други прашања за сведокот. СУДИЈАТА: Му давам збор на јавниот обвинител. ОБВИНИТЕЛОТ: (Седејќи.) Немам прашања. СУДИЈАТА: Одете си, татко. Слободен сте. - Нека дојде сведокот... Инженер Борика Корда! (Таткото со наведната глава и молкум си оди. Борика се разминува со него, го погледнува и застанува пред пултот за сведоци.) СУДИЈАТА: Вие сте сведок на одбраната. БОРИКА: (Погледнува кон Бранителот и грчи рамиња.) БРАНИТЕЛОТ: Да, да... СУДИЈАТА: Кажете ни што сте, каде работите, датум на раѓањето и другите лични податоци. БОРИКА: Борика Корда, градежен инженер, службеник на Државните железници во Дирекцијата - Скопје. Родена во 1932 година во Крањ, Горењско, - Словенија. СУДИЈАТА: Ви обрнувам внимание на член 395 став 1 и 2 од Законот за кривична постапка, според кој сте должна да зборувате вистина и само чиста вистина. Лажниот исказ на сведокот исто така подлежи на кривична одговорност. БОРИКА: Благодарам. СУДИЈАТА: Кажете нѝ, инженер Корда, од кога го познавате обвинетиот? БОРИКА: Точен датум не можам да ви кажам. Се познаваме некаде од првата година на студиите во Љубљана. Тоа е, веројатно, во 1950 година, есента, или во почетокот на 1951-та. СУДИЈАТА: Ве молам да ми простите, инженер Корда, но дозволете да не губиме време во заобиколни прашања. Кажете ми: какви беа односите помеѓу вас и обвинетиот за време на студиите во Љубљана и потоа? БОРИКА: Жалам. На тоа прашање нема да одговорам. (Присутните се изненадени.) СУДИЈАТА: Смеам ли да прашам - зошто? БОРИКА: Никогаш не сум присуствувала на ниедно судење и молам да не ми земате за зло. Мислам дека прашањето е премногу лично и на судот нема да му биде интересна цела една приказна за мојот живот во текот на последниве десет години. Ќе одговорам на вашите прашања, но молам да ги поставите во директна форма. СУДИЈАТА: Да, да... Можеби сте права... - Го следевте ли процесот? БОРИКА: Само денеска. Утринава дојдов од пат. СУДИЈАТА: Го разбравте ли сведочењето на сопругата од обвинетиот? БОРИКА: Да. СУДИЈАТА: Таа рече дека... (Го прелистува записникот.)... добро, да го оставиме другото. - Таа тврди дека вашите односи со обвинетиот се од нормален карактер. Дека тоа се колегијални односи и дури како на брат и сестра. Точно ли е тоа? БОРИКА: Откако тој се ожени - да. СУДИЈАТА: А порано? БОРИКА: Можеби малку поинакви... (Пауза.) Можеби имаше нешто како симпатија... Не знам дали сум јасна! СУДИЈАТА: Без никакви поинтимни врски? БОРИКА: Да. СУДИЈАТА: Точно ли е дека обвинетиот, по уривањето на хотелот, дошол кај вас, то ест во вашиот стан и таму останал целото попладне? БОРИКА: Да. И цела ноќ. Попладнето кај мене го виде и професорот Кондарко, а изутрината тука беше најден и од органите за внатрешни работи. СУДИЈАТА: Зошто се скрил токму кај вас? Зошто не отишол дома? БОРИКА: Јас не го прашав зошто. СУДИЈАТА: Што барал професорот Кондарко кај вас? БОРИКА: Професорот Кондарко е чест гостин кај мене и ретко кога доаѓа со некоја специјална причина. СУДИЈАТА: Имате ли основа да се сомневате во добронамерноста на неговата посета попладнето на 29 септември минатата година? БОРИКА: Професорот Кондарко е мој драг гостин и јас секогаш го примам со задоволство. СУДИЈАТА: (Се насмевнува.) Вие сте мошне деликатна, инженер Корда. - Добро, сметате ли дека имаат основа тврдењата на некои сведоци, дека професорот Кондарко бил лицемерен и дека му помагал на директорот на Заводот, инженерот Борски, да го запусти обвинетиот? БОРИКА: Немам такво мислење за тоа. Јас сум службеник на Државните железници и Заводот на Драшко ме интересирал само толку што таму работеше мојот другар од Универзитетот. Познавав и некои од колегите инженери, но само како колеги. Со икслучок на професорот, се разбира. Тој ме познава од дете, некогаш работел заедно со татко ми. СУДИЈАТА: (По пауза.) Благодарам. Му давам збор на јавниот обвинител. ОБВИНИТЕЛОТ: Ви се обрнувам како на специјалист, сведок Корда. - Што знаете за злосторството што обвинетиот го извршил на 29 септември минатата година? БОРИКА: Знам дека не е извршено никакво злосторство. ОБВИНИТЕЛОТ: Го тврдите ли тоа како специјалист? БОРИКА: Нема потреба да иронизирате. Мојата специјалност се железничките линии, железничките јазли и мостоградбата. Само здравиот резон ми вели дека Драшко не можел да изврши никакво свесно злосторство. ОБВИНИТЕЛОТ: А сепак го извршил. И тоа повеќекратно. Дозволил да му се урне скап објект, при што загинале двајца луѓе, а истиот ден извршил и морално злосторство: ја изневерил законитата сопруга. БОРИКА: Тоа ваше категоричко тврдење, се разбира, ќе треба да се докаже. Вашите лични претположби се ваша лична работа. ОБВИНИТЕЛОТ: Не го признавате ли последното? БОРИКА: Немам што да признам. Не ми е познато дека Драшко ја изневерил својата сопруга. ОБВИНИТЕЛОТ: Кој адвокат ве научи толку невешто да ги откажувате општопознатите факти? БОРИКА: Драшка го знам од пред десет години. На факултетот во Љубљана го викавме Карузо. - Не смејте се. Сте биле и вие студент. Драшко пееше добро и често пееше, дури и кога беше сам. Пееше онака, за себе, како славејот што пее во грмушките ружи крај реката. ОБВИНИТЕЛОТ: И чавката често мисли дека е славеј кога е крај ружа. БОРИКА (Студено.) Благодарам на комплиментот. Но тој не беше чавка ниту беше меѓу ружи. - Дозволувате ли да продолжам? ОБВИНИТЕЛОТ: Повелете. БОРИКА: Беше одличен студент, макар што ретко имаше книга. Целите студии ги мина со цирклите што ги позајмуваше од мене. Хартија и туш си купуваше од својата заработка: како член на Студентскот сервис разнесуваше весници и млеко по Љубљана. Кога го сретнував на улица, имаше обичај да каже дека на лавот шијата му станала лавовска затоа што сам си го прибавува она што му треба. Драшко беше весел, одличен другар и сите го сакавме. Знаевме дека татко му е сиромашен прислужник во банката и дека имал уште два сина и ќерка. Ќерката загинала при некое ноќно бомбардирање во 1941 година, а двајцата браќа ги дадоа своите животи за слободата: едниот загинал во 1942 година на улиците во овој град, а вториот - 1945 на Сремскиот фронт... ОБВИНИТЕЛОТ: Простете кажете нѝ го заклучокот од тој увод. БОРИКА: Сите околности сторија Драшко да стане длабоко свесен за трудот што мораше да го вложи за да постигне нешто. Бил премногу млад за да учествува во Револуцијата, но затоа активно учествуваше во изградбата на земјата. Како ученик, како студент и како инженер. ОБВИНИТЕЛОТ: Што бараше Драшко на 29 септември минатата година кај вас? БОРИКА: Секогаш, кога му беше тешко, доаѓаше кај мене. ОБВИНИТЕЛОТ: Како кај колега, пријателка, или што? БОРИКА: Како кај сестра. ОБВИНИТЕЛОТ: Ако немате против, раскажете нѝ ја таа средба и разговорот што сте го воделе. БОРИКА: Тешко ми е да си спомнам... Скоро ќе стане година од тој ден... На 29 септември... знам дека бев сама дома... - Да! Дозволете да ја реконструираме и таа сцена. ОБВИНИТЕЛОТ: Немам против... Повелете. БОРИКА: Имам еднособен стан во новата зграда на аголот од Првомајска и Пастерова улица, еден кварт погоре од хотелот што се урна... Бев сама дома и читав нешто. Еве, ако ова е масата, таму ќе биде креветот, - јас бев во фотелјава, овде. (Таа ги поставува предметите и импровизира. Паѓа завеса што имитира ѕид со прозорец. Светлината се концентрира на собата.) Околу пет часот некој заѕвони. - Молам дајте нека заѕвони некој! (Се слуша ѕвонење на вратата.) Да!... (Станува и отвора.) Драшко?! ДРАШКО: (Влегува покрај неа и изморено разгледува по собата.) БОРИКА: (Мирно.) Што се случило? ДРАШКО: Задушно е... БОРИКА: (Со виновен насмев.) Целово попладне читам. Заборавив да проветрам. (Доаѓа до прозорецот и посега да отвори. Драшко ја фаќа за рака.) Да отворам? ДРАШКО: Немој... Градов е полн со прав. Живееме во најнечистиот и најшумниот град во Југославија. Се урива, се гради, се копа... И уште педесет години ќе голтаме прав и ќе прескокаме урнатини. БОРИКА: Што, да не си наумил да бегаш некаде? ДРАШКО: (Изморено се насмевнува.) БОРИКА: Љубљана? - Отсекогаш си ми сомнителен. Не верувам дека во оние пет луди години не ти го запалила срцето некоја Францка или Мајда. (Донесува две чаши и му подава една.) ДРАШКО: (Со истиот насмев.) На студии беше ѓаволче... (Ја погледнува.) Сега гледам дека од ѓаволчето пораснал ѓавол... (Воздивнува.) Немам никого, Борика... Никого... А сега се губам и себеси. БОРИКА: Ајде, Хамлет! ДРАШКО: (Со доза на резигнација - рецитира.) Нека биде убаво кога веќе ја пеам последната песна! Нека биде ден! Сакам на обете нозе да стојам и да пеам, сакам со отворени очи да гледам горе и да пеам! Сакам ветровите да ми го обвијат телото, сакам сонце да ме облева и целиот свет со мене да пее! Нека биде убаво кога ќе ме убиеш, о ти, што ја даваш светлината! Нека биде ден кога ја пеам последната песна! БОРИКА: (Со насмев.) Пристојно!... (Му сипува ракија.) ДРАШКО: (Се истава до прозорецот и седнува.) Ти си стручњак за нискоградба, Борика: Кажи ми, какви биле римските патишта? Широки? Поплочени со првокласен гранит? - Сега се во кал. БОРИКА: (Мирно.) Што се случило сега? ДРАШКО: Јас бев човек... Сега сум - кал. (Пауза. Се погледнуваат.) Сторив повеќе одошто е потребно за бесилка. Уништив еден човек... БОРИКА: Драшко! ДРАШКО: Се згнасив од него. Ми стана несносен, го намразив... И го убив, гадот! БОРИКА: Драшко! Што ти е тебе? Што зборуваш ти? ДРАШКО: Се убив себеси... (Малку пред тоа се отвора вратата и отворањето се совпаѓа со последните зборови на Драшко.) КОНДАРКО: Добровечер! Простете што влегувам вака, Борика. - Драшко, твојот објект пред еден час се урна!... (Пауза. Борика ја испушта чашата, таа се крши. Кондарко се тргнува и превртува стол. Пауза.) ДРАШКО: (Со искривен насмев.) Знам... КОНДАРКО: Па треба да одиш таму! Формирана е комисија во Заводот... ДРАШКО: Зар вие, професоре, не сте во таа комисија? КОНДАРКО: Сум, но колегата Борски е бесен, се плашам дека ќе влијае врз комисијата. Веќе се слушаат заклучоци што ни малку не се во твоја полза. Не ќе е лошо да бидеш таму, да кажеш некој збор!... ДРАШКО: Докторе Кондарко... оставете ме, ве молам, малку насамо со колешкава. Кога веќе влеговте без чукање, дозволете да бидам вулгарен: сакам да се простам со Борика пред да ме затворат. КОНДАРКО: (Стои, поаѓа и застанува. Преку рамо.) Грешиш, момче... Грешиш... (Излегува.) БОРИКА: (Бранејќи се од рефлекторите.) Дајте светлина! (Помошната завеса се крева и сцената се осветлува нормално.) Тоа беше разговорот што го водевме со Драшко пред да го затворат. Доктор Кондарко, се разбира, се налути. Тој дојде со најдобра намера, но на вратата слушнал машки глас, подзастанал и го чул она: „Уништив еден човек. Го убив гадот!" - и помислил дека со уривањето на објектот Драшко умислено сакал да запусти некој друг. Доктор Кондарко ја отвори вратата токму во моментот кога Драшко, релативно потивко, рече дека се убил себеси и таа негова реплика не ја слушнал. Навреден и под влијание на случајно слушнатото, тој погрешно сфатил и за проштавањето со мене. ОБВИНИТЕЛОТ: Кога си отиде обвинетиот од вас? БОРИКА: Драшко? - Драшко остана целото попладне кај мене. Спиеше кај мене. ОБВИНИТЕЛОТ: Како кај сестра се разбира. БОРИКА: Се разбира. Беше очаен, загубен, му беше тешко. Не го пуштив јас. ОБВИНИТЕЛОТ: Ако јас бев виновен за многу помало злосторство и ако дојдев кај млада, убавка, осамена жена што ме задржува на спиење... - Впрочем, тоа е ваша лична работа. Но, обвинетиот ви рекол дека сторил повеќе одошто е потребно за бесилка? Зар тоа признание за вас не значи ништо? БОРИКА: Вие сте, извинете, страшно буквални. Колкупати и самиот на жена ви сте ѝ рекле дека сте сториле повеќе одошто е потребно за бесилка? ОБВИНИТЕЛОТ: Одговарајте, ве молам, на моите прашања. БОРИКА: (Остро.) Тогаш обидете се, ве молам, да разговарате со мене пристојно! ОБВИНИТЕЛОТ: (Вика.) Имате ли барем еден факт дека обвинетиот не е виновен за уривањето на хотелот „Сплендид“, чија изградба чини една милијарда и над триста милиони динари? БОРИКА: Немам!... ОБВИНИТЕЛОТ: (Веднаш.) Немам други прашања за сведокот! (Седнува.) БОРИКА:.. Но во Заводот постои прецизна документација од која се гледа дека објектот се урнал при утрошени средства од (вади од џебот ливче и чита.) сто шеесет и четири милиони, двеста и дванаесет илјади и четиристотини триесет и еден динар, од кое останало неупотребен материјал во вредност од сто дваесет и четири милиони, околу дваесет и осум милиони чини регулацијата на имотно-правните односи и расчистувањето, така што директната штета изнесува само нешто повеќе од дванаесет милиони динари! А таа штета, дозволете, не е цена што човек треба да ја плати со бесилка! ОБВИНИТЕЛОТ: А двата човечки животи? Тоа за вас не значи ништо, нели? БОРИКА: Еден од тие животи на Драшко му беше особено близок и драг... ОБВИНИТЕЛОТ: Вие сте премногу сентиментална, инженер Корда, за да го сметам вашиот исказ за непристрасен. (Седнува.) БОРИКА: Секој смета дека добрината е должност само на другите. ОБВИНИТЕЛОТ: (Станува.) Ова не е опера, туку суд. А во судот не тешат како во некои еднособни станови. Такви се законите, да простите. - Одете си на место. Судот ќе извлече заклучок од вашето сведочење. БРАНИТЕЛОТ: (Станува.) Момент, момент! Збор има одбраната... СУДИЈАТА: Ги молам присутните да не се оддалечуваат од предметот. (На Борика.) Одговарајте на прашањата од бранителот. БРАНИТЕЛОТ: Простете, другарке Корда, Вие, знам, ја кажавте вистината. Но зошто ја прекинавте сцената веднаш по излегувањето на професорот Кондарко? БОРИКА: Натамошниот разговор не е суштествен и не е во врска со предметот. БРАНИТЕЛОТ: Напротив, тој е во уште потесна врска со предметот. Обвинетиот е ваш врсник, нели? БОРИКА: Да. БРАНИТЕЛОТ: Овде некој духовито забележа дека сте повеќе згодна одошто дама. - Ако жена на триесет години изгледа постара од маж на триесет години, тогаш таа навистина е постара? Да? БОРИКА: Не. БРАНИТЕЛОТ: Тогаш има други причини: страдање, љубов, преживеана несреќа? Можеби карактерот на службата? БОРИКА: Не знам. БРАНИТЕЛОТ: Вие сте другари од студентските клупи, од работните акции, - сè до неговото враќање во Скопје? БОРИКА: Да. БРАНИТЕЛОТ: А во Скопје дојдовте и вие по него? БОРИКА: Тоа не значи дека ноќта помеѓу 29 и 30 септември тој ја преспал во ист кревет со мене! БРАНИТЕЛОТ: Се разбира дека не значи. Но може да значи дека вие во Драшко сте вљубена откога знаете за љубов, до денеска. Вам ви беше жал што тоа еднаш не се случило! БОРИКА: (Не веднаш.) Вие навистина не страдате од претерана учтивост, бранителе по службена должност. Зборувате како да ве донеле од улица. СУДИЈАТА: (Поткашлува и тропа со чеканчето.) Му обрнувам внимание на бранителот дека, испитувајќи го личниот мотив, не смее да врши шиканирање и навреда на човечките достоинства на сведокот. БРАНИТЕЛОТ: Молам! Само тоа требаше да му го кажете на колегата обвинител, а не мене. - (На Борика.) Искрено ми е жал. Помлад сум од вас и простете ако се заборавив. - Не сте му рекле ли некогаш, кога и да е, дека го сакате? БОРИКА: (Не веднаш.) Не. БРАНИТЕЛОТ: А тој вам? БОРИКА: Не. БРАНИТЕЛОТ: Самите рековте дека за време на студиите сте му помагале на Драшко. Сега е момент да му дадете решителна помош. Ве молам, заборавете на малограѓанското стеснување, и, ако искрено го сакате кажете го тоа пред овој собир овде! БОРИКА: (Поцрвенува.) Зошто ви е тоа? БРАНИТЕЛОТ: Ајде, храбро, инженер Корда. Знам како изгледаат техничките студии, знам колку ве окупирале тие и вас и Драшко и дека малку време сте имале за романтика! Знам колку сте страдале кога тој се оженил за друга... - Дајте да ги наречеме работите со нивните вистински имиња. Признајте дека не сте се омажиле досега, макар што сте имале не една поволна шанса, за што не сте можеле да го одвоите Драшко од своите надежи... Вие и денеска го сакате, нели? БОРИКА: (Неволно се насмевнува.) И вие ли не сте се ожениле досега од истите причини? БРАНИТЕЛОТ: Кренете ја главата и одговорете: ќе бидете ли среќна ако судот го ослободи како невин? БОРИКА: Да. Ќе се радувам. БРАНИТЕЛОТ: Затоа што не сте рамнодушна кон него? БОРИКА: Затоа што тоа ќе биде праведно. БРАНИТЕЛОТ: Тогаш дајте уште малку храброст и признајте дека бевте страшно несреќна и дека не заспавте цела ноќ помеѓу 29 и 30 септември! БОРИКА: Не заспавме обајцата... Разговаравме... Можете ли да сфатите дека млад човек и млада жена можат и цела ноќ да останат сами во една соба и да не направат ништо инкриминирано? БРАНИТЕЛОТ: Тоа е мошне тешко да се поверува. Јас исцело верувам само во вашиот случај. - Бидете добра и реконструирајте ја сцената по излегувањето на доктор Кондарко. БОРИКА: Уверена сум дека тоа нема особена врска со постапката. (Погледнува кон Драшко.) Дозволуваш? ДРАШКО: (Нервозно запалува цигара.) БОРИКА: (На Бранителот.) Согласна сум... БРАНИТЕЛОТ: (Оддалечувајќи се од пултот за сведоци.) Светлина, молам! (Светлината пак се концентрира во собата. Паѓа помошната завеса. Борика и Драшко ги заземаат поранешните места. Тука е Кондарко.) ДРАШКО: (На Кондарко.) ... Кога веќе влеговте без чукање, дозволете да бидам вулгарен: одете си, ве молам. Сакам да се простам со Борика пред да ме затворат. КОНДАРКО: Грешиш, момче... Грешиш... Подобро ќе беше да се простиш со жена ти, а не... (Се свртува и навредено излегува.) ДРАШКО: (Избувнува во смеење и брзо запира; лицето му е згрчено во нешто како цинизам и болка.) БОРИКА: Драшко, речи ми: што се случило? ДРАШКО; (Без да се помрдне, зборува туѓи зборови.) „Лигав полжав гази преку едно цвеќе...“ БОРИКА: Не си прав... Професорот Кондарко му е другар на татко ми. ДРАШКО: (Како горе.) Не го реков тоа за него, девојко... Тој е само една мала кукла на мојот директор... Тоа го реков за мене! (Воздивнува.) БОРИКА: (Како здив.) И за мене? ДРАШКО: (Немирно шетајќи.) Не знам... не знам!... Ништо не знам! Не сум умен... Не знам... - А веќе и не е важно... (Со спонтан насмев.) Синоќа сонив смешен сон... Ти и Борски... Нешто како ресторан - се гледате в очи како хипнотизирани... А јас, кој знае како, седам во аголот како фрлена крпа. Стана, тој ми светна една по муцки и пак се најдов во аголот. И ме нападнаа глутница кучиња. Главати, озабени пци ми ги глодаа рацете и нозете, а јас не можев да се одбранам, не можев да избегам... Еден жолт пес стоеше настрана и изулавено плачеше со мојот глас... - Кога се разбудив, имав чувство дека утробата ми поцрнела и дека ме наполниле со кал. Ме болеше глава и се чувствував истоштетн, претепан, како цела ноќ да претурале бетонски греди преку мене. (Пауза.) - Тоа е веќе трет пат како го сонувам истото... Да не се случеше ова, ќе требаше да појдам на лекар. БОРИКА: Ќе ми објасниш ли најпосле: што станува со тебе, Драшко? (Се оддалечува од неа и застанува на авансцената. Борика ја наведнува главата и се свртува на спротивната страна. Осветлени со по еден рефлектор, обајцата тонат во своите мисли. - Следниве стихови се рецитираат како одвоени внатрешни монолози, како размислувања на обајцата.) ДРАШКО: Каков е тој куп месо што се вика - јас? Кој сум? Што си ти?... БОРИКА: Јас сум жена. Ти - мое око, мој плен, мој бог. ДРАШКО: (Ја крева раката кон рефлекторот и гледа во нејзината прозрачност.) Мојава рака, мојава дланка, моиве прсти - тоа се грбави кокалести зглобови и јазли од вени, нерви, небо и глад. БОРИКА: Јас сум клучот на смртта твоја и моја. ДРАШКО: Се плашам! Не зборувај ми за неа!... Се плашам како децата што се плашат од мракот, зашто не знаат што има таму. Раскажи ми нешто убаво... БОРИКА: (Упаѓа.) Да бидам мајка на твоите деца... На трепките од смртта ќе те задржам... Да бидеш река да бидам мост што ќе те држи в преград со вкочанет поглед во недогледната вечност... ДРАШКО: Стороднице - цвету што ме мамиш! Стосмртнице - пчело што ме облетуваш! Јас сум... земја! БОРИКА: Не... Јас сум земја. (Полека обајцата се отпуштаат и се враќаат во природна поза. Светлината се менува.) ДРАШКО: (Погледнува кон неа.) На што мислиш? БОРИКА: Не знам... како да сонувам... Ти - сонце што ме облева со живот. (П а у з а.) ДРАШКО: Борика... БОРИКА: Да... ДРАШКО: (Не гледајќи ја.) Никогаш не сум ти рекол, а постојано мислам на тоа... БОРИКА: На што? ДРАШКО: Зошто ти свети така косата? БОРИКА: (Не сакајќи се фаќа за косата.) Како? ДРАШКО: Како метал... како челик. БОРИКА: (Со насмев.) Какво е тоа градежничко ласкање. ДРАШКО: (Ја зема за раменици.) И виткава си како змија. Очите ти се кристално црни и влажни и светликави... - Зошто си секогаш тажна? БОРИКА: (Му се извлекува со нелагодност.) Е, тоа веќе не го разбирам. ДРАШКО: (Гледа низ прозорецот.) Се сеќаваш ли кога се капевме на изворите на Љубљаница? Кога излегувавме од бистриот вруток, водата ти се слеваше по кожата и беше светликава на сонцето како рубин... Кога лежевме во песокот, ти секогаш ги затвораше очите, се сеќаваш ли? БОРИКА: И? ДРАШКО: Јас бев налактен покрај тебе и ти гледав само во устата. Усните ти беа како млад црвен цвет, уште неотворен. Требаше само да се доближам, да го допрам, за да расцвета! - Зошто не го сторив тоа? БОРИКА: Зошто? ДРАШКО: Не си се изменила... Усните ти се уште такви... БОРИКА: (Му ја клава раката на уста.) Молчи. (Му свртува грб и се оддалечува од него. Пауза.) Зошто го стори тоа, Драшко? ДРАШКО: Што, Борика? БОРИКА: Од што си незадоволен? Против кого се бунтуваш? ДРАШКО: „Што сакаш биди во животот, но биди најдобар во својата професија или не биди ништо“... Се сеќаваш ли - ти ми го имаш речено тоа... БОРИКА: Сентиментално, нели? ДРАШКО: Женски. Ти ги сакаш само светлите, нежните изреки. А во животот тоа излегува инаку. (Ја погледнува.) Ете, - не успеав да бидам најдобар... БОРИКА: Што изигруваш ти? Диоген? ДРАШКО: Диоген го барал човекот надвор од себе. А јас се обидов да го најдам во мене, овде... Не го најдов. БОРИКА: Што ти недостига тебе? ДРАШКО: Ќе ти кажам. Прашај ги луѓето, Борика, прашај ги другарите, пријателите, прашај се себеси: каде е единствениот човек што е задоволен од себеси? Сите бараат нешто, на сите нешто им недостасува, сите за нешто се борат, трчаат, измислуваат илјада начини да ги решат своите проблеми! - Мене ме опфаќаше паника кога помислував дека ништо не ми треба, дека не морам ништо да освојувам, дека немам никаков идеал, никаква цел, ниту една желба... Јас имав сè. Имав и премногу! - Луѓето ми завидуваа... Ми завидуваа на големиот удобен стан од кој ги истерав сопствените родители, на автомобилот во кој се вози жена ми којзнае со кого и којзнае каде, ми завидуваа на големиот телевизор во боја што им служи на соседите, на телефонот што ми ги кине нервите, ми завидуваа на црниот костум, на белиот костум, на апаратот за бричење ми завидуваа! - Прости, но на човека еден ден ќе му преврие, ќе ја преврши мерата и тогаш му е доста. Тоа е сè. БОРИКА: Смешно... ДРАШКО: Зошто? Напротив мене дури сега ми е кристално јасно дека човек цел живот прави само глупави компромиси... БОРИКА: Со кого Драшко? ДРАШКО: Со директорот, со јавното мислење, со љубовта, со родителите, со милијардите - со сè! (пристапува, таа станува.) Јас не можев да бидам медиокритет, Борика! Се сеќаваш ли што ми советуваше Кондарко онаа вечер на градилиштето? Не можев да ги менувам боите како камелеон!... БОРИКА: Јас! Јас! Јас! Јас! Што сакаш ти од луѓето, Драшко? Не само што живееш за себе туку сакаш и другите да живеат за тебе? Па ти толку шум, толку прав крена токму за таа твоја материјална слобода! Ја имаш: биди среќен и создавај! А ти плачеш... ДРАШКО: (Со воздив.) Што требаше да сторам? На кој начин да се бунтувам? БОРИКА: Против кого, Драшко? ДРАШКО: „Човеку, компромис ти е името!“... БОРИКА: Ти со никого не направи ниту еден компромис, драги мој. Самиот рече дека родителите ги напади, со директорот знаеме до каде стаса, со љубовта... А ти требаше толку малку, требаше само еден чекор да се одделиш од себеси за да видиш дека во ружите, освен трње, има и ружи. - Драшко, за милијарда динари се оди на суд. Што ќе им речеш таму? Дека ти завидувале на телефонот? ДРАШКО; Ќе барам најстрога казна. БОРИКА: И? А после? ДРАШКО: (Збркано.) Јас ништо нечесно не мислев... БОРИКА: Требаше само еден ден да живееш за другите. Само еден ден... Ти бараше да те сакаат, а самиот никого не сакаше. ДРАШКО: Сакав. БОРИКА: Кого? Себеси! ДРАШКО; Тебе... БОРИКА: Ти? ДРАШКО: Да. БОРИКА: Затоа - извини - ме претпостави пред една убава... ДРАШКО: Речи слободно: жена од улица. - Бев идеалист. Сакав да ја спасам, да направам човек од неа... БОРИКА: Не е ли тоа инфантилно, Драшко? ДРАШКО: Бев глупав. БОРИКА: Ти ја крена таа девојка туку-речи од калта и таа ти даде два сина. Подвиг достоен за почит. Но не е ли подло - дозволи да зборуваме како пријатели - не е ли неморално тоа: да се ожениш за жена што не ја сакаш? ДРАШКО: Во животот направив само една подлост, Борика. Подлост спрема тебе. Пет години те сакав! Пет години бевме заедно и мислам дека ни ти не беше рамнодушна кон мене. Потоа јас дипломирав, од испитот отидов на станица, ти успеа само да ми мавнеш со рака од перонот и утредента бев илјада километри далеку од тебе. Ти дојде по шест месеци, кога бев веќе оженет. БОРИКА: Колку е смешно... Колку е тажно тоа што го зборуваш. ДРАШКО: Зошто? Не сум единствениот што сакал една, а се оженил за друга. БОРИКА: Извини, Драшко - што мислиш ти за мене? Излегува дека јас сум виновна, а не ти! Излегува дека јас сум аморална, зашто секогаш со радост ти ја отворав вратата! ДРАШКО: Немав причини да ја оставам Даница. Таа не е виновна за мојот инфантилен „подвиг“, а ти не си виновна за твојот бистар ум, за твоето лице и тело, за тоа што ти си - ти... (Тој ја гушка.) БРАНИТЕЛОТ: (Плеснува со рацете.) Благодарам! Доволно е! Дајте светлина. (Светлината станува нормална. Помошната завеса се крева. Судницата.) (Благо, на Борика.) Имате ли нешто да додадете на своето сведочење? БОРИКА: (Не гледајќи во никого, резигнирано излегува.) БРАНИТЕЛОТ: Ви благодарам... Благодарам... (Кон судијата.) Моите заклучоци од ова сведочење ќе му ги соопштам на судот во заклучниот збор. (Си оди на своето место и зема нешто да бележи.) СУДИЈАТА: Последен сведок на судењето е професорот доктор Алексеј Кондарко. Нека дојде. (Кондарко доаѓа кај пултот за сведоци.) СУДИЈАТА: Кажете му ги на судскиот писар вашите лични податоци. КОНДАРКО: Доктор Алексеј Кондарко, универзитетски професор... СУДИЈАТА: Ве молам малку погласно. Потребно е и другите да слушнат. КОНДАРКО: (Погласно.) Доктор Алексеј Кондарко, универзитетски професор, роден во 1894 година во Харков, Украина. Инженер - архитект. СУДИЈАТА: По националност Украинец, со југословенско државјанство? КОНДАРКО: Да... СУДИЈАТА: Службеник во Заводот за висока градба? КОНДАРКО: Да. Од неговото формирање, до пред две години. Сега сум советник на Заводот. СУДИЈАТА: Ви обрнувам внимание дека според член 395 став 1 и 2 од Законот за кривична постапка - должен сте пред судов да зборувате вистина и дека лажниот исказ е казниво кривично дело. КОНДАРКО: Благодарам. СУДИЈАТА: Кажете нѝ што имате да кажете. КОНДАРКО: (Се мисли,се мести од нога на нога.) СУДИЈАТА: Вие сте доброволец, нели? КОНДАРКО: Молам? СУДИЈАТА: Сам сте изразиле желба да сведочите? КОНДАРКО: Да...да... СУДИЈАТА: Па тогаш - повелете, зборувајте! КОНДАРКО: (Не веднаш.) Некој рекол умно: во големите искушенија се гледа херојската црта на еден народ. Во мирните времиња - неговата смисла за култура и цивилизација. Вашата нација во обата случаи... - јас сум одушевен... Сакам да кажам - овде му судите на одличен стручњак... Извинете, јас не можам добро да се изразам... Сакам да кажам, јас бев многу среќен (Без да се сврти покажува на Драшко) од секој негов успех! Многу радосен и многу среќен! Тоа е наш Корбизје, со фантастични перспективи. Ќе речам - човек на иднината! Тој ѝ треба на оваа земја. Многу ѝ треба... Такви луѓе се ретки. - Ете, толку. Догледање... Благодарам... Догледање... СУДИЈАТА: (По мало двоумење.) Момент, момент, професоре! КОНДАРКО: Да? СУДИЈАТА: Кога веќе сме тука, кажете нѝ: го следевте ли процесот? КОНДАРКО: Да... СУДИЈАТА: Имате ли нешто да забележите во врска со сведочењето на инженер Корда? КОНДАРКО: (Се враќа кон пултот.) Колегата Борика Корда зборуваше само вистина. Чиста вистина. А колегата Драшко - греши. Јас не можам да му замерам, но сакам да кажам - оваа бела коса не лаже. Кондарко не е мачка што сака да гризне. Кондарко не бил никогаш шпион. Тоа е мошне непријатно, но морам да кажам: колегата греши. СУДИЈАТА: Точно ли е дека обвинетиот сам барал да биде преместен во оперативата? КОНДАРКО: Точно. Јас бев присутен кога Драшко изјави во канцеларијата на директорот, колегата Борски, да работи во оперативниот сектор. СУДИЈАТА: Ги знаете ли мотивате на таа негова желба? КОНДАРКО: (Неколку пати потврдува со глава.) Младост... Младо вино... Кој не знае што е младо вино, нема да разбере... Кога ќе проврие, тоа вино ќе зборува на шеснаесет јазици. СУДИЈАТА: Кажете нѝ, докторе, како стручњак: што мислите вие за уривањето на хотелот „Сплендид“? КОНДАРКО: Колегата Борика Корда... изнесе дека штетата е околу дванаесет милиони. Тоа е точно. Пресметките се завршени вчера. А објектот се урнал, по проценка на стручна комисија поради грешки во изградбата. И тоа е точно. Како што протолкува господин обвинителот, - неисправна арматуре, непрописен бетон, слабо шалување од кое се добиле два искривени столба. Тоа е невнимание. Ние имаме сè уште неквалификувана работна рака, ќе се свртиш и - зад тебе засипале со бетон искривени шипки во арматурата. И уште нешто: по норма може да се копа, да се разбива камен, а бетон - тоа не оди... СУДИЈАТА: Затоа постои контрола, докторе. Имате цела војска палири, техничари, надзорници - што добиваат плата само за надгледување! КОНДАРКО: Тоа е точно. Но овде контролата била слаба. СУДИЈАТА: Кој е одговорен за тоа? КОНДАРКО: Па да - во последна инстанца - главниот инженер. СУДИЈАТА: Благодарам. Имате ли нешто да додадете? КОНДАРКО: Сакам да повторам. Човек живее и работи и греши. Но овој човек треба да го чувате... (Покажува кон Драшко.) Четириесет години сум инженер, но јас му симнувам шапка. Тоа се златни раце... Златен талент. На оваа земја ѝ требаат многу такви луѓе... Тоа сакам да кажам. - Оставете го минатото. Минатото е крадец што не може ништо да даде, а може да ја украде убавата иднина. Тоа сакам да кажам. Чувајте ја иднината! СУДИЈАТА: Има ли прашања Јавниот обвинител? (Обвинителот одречно одмавнува со рака.) Одбраната? БРАНИТЕЛОТ: Нема прашања. СУДИЈАТА: Благодарам професоре. Слободен сте. Благодарам. КОНДАРКО: (Со наведната глава старечки излегува, мрморејќи си нешто за себе.) Да, да... Да... да... Благодарам, да... СУДИЈАТА: (Станува.) Обвинетиот инженер Драшко Каревски, инженер архитект, роден во 1931 година во Скопје, неосудуван. Станете. (Драшко станува.) Имате ли да кажете нешто во својата одбрана? ДРАШКО: (Молчи.) СУДИЈАТА: Во почетокот на седницава јас ви напомнав дека според член 296 од Законот за кривична постапка вие, како субјект и процесуална странка во постапката, имате право да изнесувате факти, докази во своја одбрана и објаснувања за сите докази што беа изведени на претресот. - Ве молам, изјаснете се и изнесете сè што имате и што сакате во своја одбрана. ДРАШКО: (Молчи.) СУДИЈАТА: Ве предупредувам дека со тоа молчење самиот се лишувате од вашето право на одбрана и изнесување докази во своја полза. Членот 299, став 2 и став 3, ме овластуваат да го прочитам записникот од претходната постапка. (Зема лист хартија од својата папка.) Исказот на обвинетиот гласи... ДРАШКО: Не е потребно! - Признавам. СУДИЈАТА: (По пауза, збркан.) Според исказите на сведоците, судот утврдува дека не сте имале причини делото да го извршите свесно, што може да се земе како една од олеснителните околности. Но како инженер-изведувач, директно сте одговорен за градбата и судот ќе донесе објективна пресуда врз основа на постојните позитивни закони. - Имате ли нешто во своја одбрана? ДРАШКО: Немам. СУДИЈАТА: Како талентиран стручњак, во својата петгодишна практика сте покажале успеси на кои може секој да ви завиди. Во јавноста сте ценет инженер, во претпријатието сте ценет и почитуван трудбеник, ви биле дадени добри услови за работа, материјални тешкотии сте немале, семејните проблеми ви се слични како на многу други. Според тоа, не постоел судир помеѓу вас и општеството, а семејните грижи и лични грижи во крајна консеквенца не смеат да влијаат врз вашите обврски кон заедницата. Имате ли забелешки на овие констатации? ДРАШКО: Немам. СУДИЈАТА: Според тоа, признавате ли дека сте одговорен... ДРАШКО: (Го прекинува.) Признавам!... СУДИЈАТА: Чекајте... Вие не ми дадовте да се искажам! ДРАШКО: Знам што ќе речете. Виновен сум за уривањето на хотел „Сплендид“. СУДИЈАТА: (Не веднаш.) Не брзајте, ве молам. Ако судот установи дека сте одговорен за уривањето на објектот, автоматски ќе бидете одговорен и за смртта на двајцата загинати под урнатините! ДРАШКО: Сеедно. СУДИЈАТА: Тогаш ќе морате да им платите оштета на семејствата на постраданите. ДРАШКО: Јас го имам само мојов живот. СУДИЈАТА: Судот не мисли така. Според записникот, вие сте сопственик на автомобил, телевизор, два фрижидери, раскошна покуќнина и така натаму, и така натаму. ДРАШКО: Сето тоа е безвредно и не ќе ги врати луѓето. СУДИЈАТА: (Не веднаш.) Обидете се да зборувате појасно, молам. ДРАШКО: Мене и на самиот не ми е јасно. СУДИЈАТА: Извинете, ова не е филозофска трибина, туку суд. А судот е затоа, да ги брани интересите на оштетената заедница или личност. ДРАШКО: Јас сум исто дел од таа заедница и личност. СУДИЈАТА: Во својство на обвинет! ДРАШКО: Не барам никаква милост. СУДИЈАТА: Судот ќе ви изрече справедлива казна. ДРАШКО: Казната никогаш не е справедлива. СУДИЈАТА: (Не веднаш.) Што мислите да кажете со тоа? ДРАШКО: Не знам... Мислам дека нема да бидете справедливи ако двајцата невино загинати луѓе ми ги наплатите со попис на автомобилот и фрижидерите. СУДИЈАТА: Тоа е ваше лично мислење. Имате ли подобар предлог. ДРАШКО: Немам. СУДИЈАТА: Сметате ли дека вашиот директор зборуваше вистина? ДРАШКО: Да. СУДИЈАТА: Признавате ли дека по студиите сте добиле 15 дена одмор пред да почнете да работите? ДРАШКО: Да. СУДИЈАТА: Признавате ли дека тоа е незаконски? ДРАШКО: Не знам. СУДИЈАТА: Признавате ли дека... ДРАШКО: Признавам, признавам!... (Тивко.) Признавам... СУДИЈАТА: Признавате ли дека сте одговорен за уривањето на... ДРАШКО: Признавам! СУДИЈАТА: Сметате ли дека тоа сте го сториле во состојба на премореност, психичка депримираност, раздразнетост или очај? ДРАШКО: Не. При чиста свест. СУДИЈАТА: Знаете ли колкава е казната за такво дело? ДРАШКО: Сеедно ми е. СУДИЈАТА: Човек што дошол дотаму мора да има причини за тоа! ДРАШКО: Не знам. СУДИЈАТА: (Исфрлен, од такт, вика.) А што ви скривил судов за да му ја наметнте ролјата на соучесник во вашето самоубиство? ДРАШКО: (Ниско, низ заби.) Смеам ли да запалам уште една цигара? СУДИЈАТА: Не! (Пауза.) Имате ли уште нешто во своја одбрана? ДРАШКО: Немам. СУДИЈАТА: Имаат ли прашања членовите на Судскиот совет? Не? - Му давам збор на јавниот обвинител. ОБВИНИТЕЛОТ: (Погледнува кон Драшко.) Го разбравте ли обвинителниот акт? ДРАШКО: Да. ОБВИНИТЕЛОТ: Зошто сте го дозволиле тоа? ДРАШКО: Не знам. ОБВИНИТЕЛОТ: Службата ми налага да дадам правна квалификација на деликтот и вистината за вас да ја категоризирам во сообразност со законските прописи. Можете ли на нешто или на некого да се пожалите? ДРАШКО: Јас сум жив. СУДИЈАТА: Не иронизирајте, не можете да тврдите дека лошо сте живееле. ДРАШКО: Јас уште ќе живеам. ОБВИНИТЕЛОТ: Јавноста ќе ви даде заслужено признание. ДРАШКО: Оставете ја јавноста на мира. Ако барав признанија - ги имав и премногу. СУДИЈАТА: Ќе тврдите ли дека токму затоа сте биле несреќен! ДРАШКО: Токму затоа! СУДИЈАТА: Затоа што сте имале сè? Во најубавите години од вашиот живот? ДРАШКО: Да. Токму затоа... СУДИЈАТА: (Се смее.) Оригинално! И по ваше мислење, среќни се само оние што немаат? Оние што сè уште се присилени да живеат во визба, што имаат полна куќа деца и плата двапати помала од вашата? ДРАШКО: И од вашата. СУДИЈАТА: Извинете, јас не сум обвинет овде. (Кон Обвинителот.) Продолжете. ОБВИНИТЕЛОТ: Какви се вашите политички погледи? БРАНИТЕЛОТ: (Скока.) Протестирам! СУДИЈАТА: Одбиено! Прашањето е поставено прописно, обвинителот ги бара мотивите на злосторството. Тие можат да бидат и политички! (Кон Обвинителот.) Продолжете со прашањата, колега. БРАНИТЕЛОТ: Момент, момент! Поради посебната процесуална положба на обвинетиот, неговиот распит не е доказно средство, туку само едно процесуално дејство преку кое обвинетиот се изјаснува по обвинението и ја изнесува својата одбрана. Според тоа, дали обвинетиот воопшто ќе биде распрашан и дали ќе одговара на поставените прашања - зависи од самиот него, бидејќи за него не постои должност да се изјаснува ниту да дава исказ. СУДИЈАТА: Според тоа, што му препорачувате на вашиот клиент? Да молчи? БРАНИТЕЛОТ: Не. Јас само го запознав со неговата правна положба, бидејќи тоа не го сторивте вие, другар претседател. СУДИЈАТА: Сјајно! - Суфлерот често ја спасува ситуацијата в театар, колега. Во животот најчесто ја упропастува. (Кон Обвинителот.) Продолжете, колега. ОБВИНИТЕЛОТ: Молам да се внесе во записникот дека прашањето го поставувам повторно... (На Драшко.) Какви се вашите... СУДИЈАТА: (Скока.) Прашањето не е повторно поставено! Обвинителот беше спречен да одговори со протестот на неговиот бранител! ОБВИНИТЕЛОТ: (Бесно.) Се откажувам од моето последно прашање. ДРАШКО: Смешно... ОБВИНИТЕЛОТ: (Скокнува.) Што ви е смешно? Зошто не одговорите на прашањето? Зошто молчите? Сакате да предизвикате солзи кај публиката? Зошто не одговарате за делото, кога сте биле храбар да го сторите? ДРАШКО: (Мирно.) Зошто се нервирате?... Ќе ви одговорам... (Како да одговара во училиште.) Развојот на човечкото општество се движи по утврдени закони што се наречени закони на општествениот развој. Целокупното минато на човештвото е исполнето со борба меѓу напредните и назадните општествени сили и токму таа борба ја претставува подвижната сила на историскиот развој. Досегашниот и натамошниот развој на човечкото општество води кон воспоставување социјалистички поредок во кој ќе нема ниту поробени ниту поробувачи, ниту експлоатирани, ниту експлоататори. - Тоа се моите политички погледи, запишани се во уводната лекција по историја за први клас на средните училиштаи со крвта на моите браќа на улиците од овој град и планините на оваа земја. ОБВИНИТЕЛОТ: Човек може да има правилен поглед на животот и пак да постапи спротивно на тие свои погледи. Како го нарекувате вие тоа? ДРАШКО: Грешка. ОБВИНИТЕЛОТ: Треба ли таа грешка да се плати? ДРАШКО: За тоа донесува одлука компетентниот суд. ОБВИНИТЕЛОТ: Бидете си самиот судија! ДРАШКО: Гласам за најстрога казна! БРАНИТЕЛОТ: Молам за збор! СУДИЈАТА: Сака ли обвинителот да му даде збор на колегата бранител? ОБВИНИТЕЛОТ: Не! СУДИЈАТА: Жалам, немате збор. ОБВИНИТЕЛОТ: Го признавате ли злосторството... ДРАШКО: Го признав веќе педесет пати! Виновен сум, ќе ги сносам последиците! Зошто се вртиме во круг? ОБВИНИТЕЛОТ: На тоа прашање нека одговори одбраната. (Кон Судијата.) Благодарам, немам повеќе прашања. СУДИЈАТА: Одбраната има збор. БРАНИТЕЛОТ: (Со насмев на победител.) Немам прашања. (Пауза. Присутните изненадено гледаат во Бранителот.) Немам, немам прашања за обвинетиот... СУДИЈАТА: (Слегува, доаѓа кај Драшко, му подава цигара и му запалува.) Знаете ли дека ќе бидете казнет? ДРАШКО: Казната е секогаш заемен договор помеѓу казнетиот и казнувачот. Јас себе се казнив со самиот акт на стореното дело. СУДИЈАТА: Недело! ДРАШКО: Како сакате. - Поминете на предметот и завршете ја оваа комедија! СУДИЈАТА: Судската процедура, за ваша жал, не ја пропишуваат обвинетите. Застапникот на обвинението и застапникот на одбраната треба да истапат уште со завршна реч... Јас имам син колку вас. Се радувам дека не е толку дрзок и тврдоглав. Овде во салонот се вашите пријатели, другари, роднини. Тука е вашиот татко, мајка ви, вашата жена. - А за вас е најважно само поскоро да завршиме, нели? ДРАШКО: Да, ако немате против. СУДИЈАТА: Мене исто ми се брза. Имам шеесет и четири години, гладен сум и изморен. Но во прашање е еден живот. Една иднина! Го слушнавте ли старион профессор? Ве нарече Корбизје? Човек на иднината! А што ќе стане со вас ако ве осудиме на десет години? Освен тоа, вие навистина ѝ требате на заедницата. Како што видовте - вие не можете без неа, но таа без вас може. А вие уште изигрувате навреден човек! (Со сожалување одмавнува со рака и се оддалечува до прозорецот. Извесно време стои гледајќи замислено кон улицата, потоа се свртува.) Му давам збор на застапникот на обвинението. ОБВИНИТЕЛОТ: (Станува.) Почитуван суде. Во името на правдата, го обвинувам...субјектот што стои пред вас за злосторство против народниот имот, со што е предизвикана и смрт на двајца невини луѓе. Деликтот овде беше непобитно докажан. Можеби е ова еден од ретките случаи во судската практика кога и одбраната, не поради својата невештина и неспособност, туку тргајќи од логичниот пат на доказната постапка, пред судов изнесе низа факти што, навистина, ја отежнуваат положбата на обвинетиот, но затоа злостортвото го откриваат во неговата вистинска светлина и, без итрини што често ја замаглуваат вистината, го открија нејзиното величествено и чисто лице. Овде многупати беше речено дека обвинетиот е интелигентен, способен стручњак, што брзо и лесно си направил кариера и општествен углед. Јас ќе додадам дека таа кариера и тој углед обвинетиот знаел најпрактично да ги исползува. И повеќе од тоа, злоупотребувајќи ја на секој можен начин конјунктурата, што во крајна линија е последица од долгата полуколонијална историја на нашава земја и од неодамнешната тешка војна, - криејќи се зад фразите за материјална слобода, тој ги спротивставил интересите свои лични на интересите на заедницата и, без никакви скрупули, без никакви граѓански обѕири, без никакви морални достоинства, се спуштил на нивото на анархоиден саможивец и егоист. - Наполно ги уважувам напорите на одбраната да докаже дека во случајов се работи за слаб карактер, за човек со недооформени сфаќања за нормите и принципите во комуникативните односи меѓу луѓето и на релација личност - заедница. Можам да се согласам и за постојаната психичка напрегнатост кај обвинетиот, кого што го раскинувале дилеми какви што го раскинуваат секој што не расчистил со своите сфаќања. Но ова не е филозофска трибина, ниту опера, ниту советувалиште. Ова е суд. А во судот не тупкаат по рамо, туку ги бараат и ги проценуваат фактите и врз основа на таа проценка донесуваат пресуда. За судот не е суштествено дали обвинетиот е екстравертен или интровертен тип, туку она што во сите јурисдикции е почеток и крај: неговиот алиби и расположивите корпус-деликти. Како што се уверивме од сведочењето на инженер Борски, нашиот прекрасен младич дури и не поцрвенел кога, злоупотребувајќи ја смртта на своите браќа... (Драшко скокнува и милиционерот по него.) (Пауза. Се гледаат.)... го принудил директорот и првиот другар на брат му да му го отстапи сопствениот стан, истакнувајќи ја најбезобразно својата „материјална слобода“, која јас ја нарекувам материјална алчност. - Од исказот на сведокот инженер Корда се уверивме дека таа материјална слобода во него не раѓа желба за создавање и ставање на своите сили во полза на општи културни придобивки на заедницата, туку напротив - апетити, апетити за материјално изобилство, материјален раскош, што неминовно довело до фрапантен индивидуализам и морална катастрофа на веќе декласираната, асоцијална личност. И јас ни сам не знам зошто сега си спомнувам за една стара поговорка: Кога некој е ситен и мал по дух, - своите доблести ги удира на најголемо ѕвоно. Понатаму. Стручната експертиза ја докажа, а обвинетиот ја призна одговорноста за стореното недело и тоа, во установената судска практика, за него е една олеснувачка околност. Меѓутоа, не заборавете дека и признанието понекогаш е добра итрина! Неговото крајно дрско држење пред судов нѝ сведочи дека тој всушност ги игнорира компетенциите на овој суд и не покажува ни малку грижа на совеста и каење. Според тоа, си дозволувам да констатирам дека обвинетиот делото го извршил свесно и дека целата одговорност паѓа исклучиво врз него. Уште старата кинеска мудрост има речено: „Кој му проштава на злосторникот, злосторството го помага!“ Затоа, и во името на амблемот што стои овде над Судскиот совет, - апелирам за најстрога правда. Си дозволувам овојпат да не го цитирам Кривичниот законик со неговите глави, членови, параграфи и точки и алинеи. Овде сè е јасно. Во името на правдата, му оставам на овој суд да ја потврди мојава правна квалификација на престапот и на обвинетиот да му изрече најправедна и најстрога казна! СУДИЈАТА: Благодарам. Му давам збор на застапникот на одбраната. БРАНИТЕЛОТ: Почитуван суде. Во својот краток говор, за што особено му благодарам, колегата обвинител изнесе неколку тези што ќе бидат темели и на мојава одбрана. Но дозволете ми, пред сè, уште еднаш пред овој ценет собир да повторам некои свои мисли, што денеска веќе еднаш ги изреков. Summum jus, summa injuria! Најголемото, најстрогото право понекогаш е и најголема неправда. Затоа е многу, многу полесно да се осуди, одошто да се донесе праведна пресуда. Уверен сум дека, оценувајќи го расположивиот доказен материал, нашето современо правосудство во денешниве услови на мирен подем на целата земја - ќе води сметка за околностите под кои делото е извршено, зашто и самите околности се дел од деликтите и алиби за обвинетиот. Главната личност на овој процес, како што констатиравме сите, е одличен стручњак какви што немаме премногу. Потоа - живееме во необично динамично време, кога се усогласуваат многу психолошки и економски последици од тешкото минато и од уште потешката војна. Пред нас е човек со способности што ги разбиваат границите на просечното, но неговите морални квалитети се разнишале во однос на установените норми. - Но несреќата не се роди на 29 септември минатата година, туку пет години порано. Без никаква лоша мисла, се разбира, бабицата на таа несреќа беше директорот на Заводот за висока градба, инженер-архитектот Владимир Крстин - Борски. Дозволете ми со неколку збора да ја објаснам оваа моја теза. Обвинетиот денеска има неполни триесет години. Тоа е, ќе признаете, времето кога човек е во полна творечка сила, кога во себе ги чувствува најшироките субјективни можности да создава, да освојува, да ја афирмира својата личност и на заедницата да ѝ го даде полниот продукт на секоја своја мозочна клетка, на секој свој нерв. Тоа е период на најизразит емотивен расцвет на човечките идеали. И што се случува? - Нашиот иден Корбизје, нашиот триесетгодишен младич зачудувачки доследно го потврдува најголемиот парадокс на човековата природа: големите несреќи ги носиме молкум и трпеливо, а ситниците нè разбеснуваат! Категорички го отфрлам како произволно тврдењето дека обвинетиот ја злоупотребувал смртта на своите браќа. Во текот на целокупната доказна постапка овде за тоа не стана ни збор. Напротив, тој како студент ја одбива понудената стипендија, плашејќи се дека не ја заслужил и плашејќи се од префрлувањата што за првпат, за жал, беа изречени овде. Го молам колегата обвинител да ми прости, но човек што сам, со своите раце и нозе, со својот ум и труд успеал да исплива пред сите од својата генерација, човек кому му симнуваат шапка искусни стручњаци како што е професорот Кондарко - на таквиот човек воопшто не му е потребно своите доблести да ги удира на големи ѕвона. Наша човечка слабост е да не веруваме кога некого фалат, а веднаш да го прифатиме како вистина кудењето. Но за таа наша слабост не префрлајте му нему! Со оглед на неговата младост, најлогично ќе беше ако обвинетиот овде го разобличевме како тип кому успесите му го свртеле умот, логично ќе беше овде да видиме еден расипник кој од материјалниот раскош, преку вртоглавите успеси, се заборавил во својот кариеризам, логично ќе беше да го видиме до гуша потонат во неморал, да го видиме како разбива чаши по кафеаните, како ги малтретира своите и потчинетите, да го видиме изроден во чудовиште што јури со својот автомобил низ нашите улици и сее зло. Ништо од сето тоа! Констатиравме само еден здрав, витален младешки занес, констатиравме една креативна егзалтација, па, ако сакате, и идеализам! На таквиот човек му требаше само цврста, искусна рака што ќе го води, што ќе го пази од стапиците на нашето човечко несовршенство. Каде беше таа мудра и нужна рака? Точно е дека ние, луѓето, почесто ѝ свртуваме грб на среќата, отколку таа нам. Но, за парадоксот да стане парадокс, наместо да му помогнеме, ние, дозволете, мошне често сме склони да го осудиме пријателот чијшто чекор нѝ се сторил премногу смел и невообичаен. (Покажува кон Драшко.) Неговиот до солзи чист, неговиот романтичен по форма, но во суштина возбудливо чесен гест: да се ожени за една инкриминирана девојка - еднодушно, драконски беше осуден и фрлен на потсмев уште на првиот брачен ручек, пред сè од страна на родителите, а подоцна и од страна на другарите и од страна на неговите учители. Тоа е првата шлаканица за идеалот! Понатаму - истата таа жена, недорасната да ја сфати суштински својата положба, со фатален егоизам ги напаѓа родителите на обвинетиот, родителите што загубиле три возрасни деца во војната и Револуцијата и на кои единствената радост и надеж им е тој. За да го зачува семејството, обвинетиот бил присилен да ги жртвува родителите. Таа жртва, потпомогната со сомнежот во чесноста на сопствената жена - е втората и судбинска шлаканица за идеал... Исто така, наместо рака за помош, во деновите на првите успеси и првите материјални проблеми, од неговата нормална желба за пристојни творечки услови се прави драма, директорот му ги покажува забите, а учителот го советува - за жал со добра намера - да се откаже од чесноста и да стане хипокрит! Зар тоа не е копање јаз на недоверба? - Тоа е третата шлаканица за идеа лот... Понатаму, во моментите на загубеност и страв од сопствените грешки, неговите најблиски другари, немајќи храброст чесно да му помогнат - го оставаат сам во хаосот проблеми и, ослободени од нужната контрола, пишуваат лажни извештаи дека сè е в ред. Наместо рака за помош, тоа беше уште една рака што несреќата скоро за јака ја довлече овде, пред нас, во судов. Колегата обвинител овде истакна дека за судот не е суштествено дали обвинетиот е интровертен или екстравертен карактер, туку неговиот алиби и расположивите корпус-деликти. Но тоа не е сè. Тоа не може да биде сè во јурисдикцијата. Никој од нас, ако сакате и во овој момент, не е ослободен од одговорноста пред општеството за секој свој акт, за секој свој чекор! Зашто, - дозволете да употребам една можеби сосем случајна мисла на обвинетиот, - зашто казната е понекогаш навистина претходен договор помеѓу казнетиот и казнувачот. Сметам дека судот нема да дозволи да стане соучесник во една наивно изречена казна што обвинетиот сам си ја определил. Мотивите на неговата грешка се јасни: не можејќи да ја реши сопствената дилема во себе, тој го одбира полесниот начин: дозволува да се случи несреќа за која ќе биде виновен и казнет. Со тоа тој однапред, најинтимно признава и се кае за сè! Судот не смее да ја прифати таа улога - во рацете на обвинетиот да стане орудие со кое тој ќе се казни и ќе ги прекине своите душевни страдања. Почитуван суде. Сите ја знаеме легендата за Диоген, кој среде бел ден со запален фенер одел по улиците барајќи го човекот. Неговиот парадокс е во тоа, што само себеси се сметал за човек и надвор од себе ја барал потврдата за сопственото постоење. Овојпат парадоксот е во тоа што Диоген го барал човекот во себе и, барајќи сè, се загубил во лавиринтот на сопственото јас. Тоа е неговата causa sine qua non! Тоа е сплетот причини без кои не ќе се случеше несреќата. Натаму е јасно. (Седнува, ја затвора својата папка.) СУДИЈАТА: Што му предлагате на судот? БРАНИТЕЛОТ: Ослободување на обвинетиот, секако! (Станува.) Погледнете го! Тој не зборува, но зар не ја слушате неговата мисла? ДРАШКО: Не повторувајте ја мојата грешка... БРАНИТЕЛОТ: Да не ги повторуваме и ние нашите грешки! (Седнува.) СУДИЈАТА: Благодарам. (Станува, тропнува со чеканчето.) Објавувам дека со тоа доказната постапка е завршена. Судот се повлекува на заседание. Пресудата ќе биде соопштена утре во 10 часот претпладне. - Одведете го обвинетиот. (Светлината сосем бавно, скоро незабележливо се гаси и само еден силен рефлектор го осветлува Судијата, кој доаѓа на авансцената. Тој крева рака за да ја смири публиката и го фиксира погледот некаде во салонот.) СУДИЈАТА: Кој на злосторникот му проштава, злосторството го помага со тоа. Но никој не е над обврските, но никој не е над одговорноста, и никој не е над соучесништвото пред општеството на кое му припаѓа! Затоа, во неговата вина (Покажува со палец преку рамо.) побарајте ја и својата, особено вие, што сведочевте вечерва. Избегајте поскоро од затворот на своето „јас“, одделете се макар на чекор од себеси и ќе видите - во ружите, освен трње, има и ружи!... Овде видовте човек што се обидел да заборави на животот како на лош другар. Побарајте го во себе и судете му строго и праведно, како Таа што суди! (Паѓа завесата - вечерва за првпат. Судијата покажува на крупната фигура на Јустиција што е насликана на завесата, со врзани очи и со терезија во левата и меч во десната рака, - и полека се повлекува зад порталот. Секунда-две осветлена е само завесата. Постепено се осветлува театарскиот салон.) - КРАЈ - Скопје, 1961. 88